Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница за можно поништување на Законот за попис

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ

По повеќе од шест месеци од поднесената Иницијатива на Левица за оспорување на контроверзниот Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Мекедонија, Уставниот суд на РМ – за утре (четврток, 8 јули 2021 година), со почеток во 10:00 часот, закажа подготвителна седница за разјаснување на правните прашања по овој предмет, согласно член 29 од Деловникот на судот, а во име на подносителот на претставката – на истата ќе учествува и проф. д-р Димитар Апасиев, како поканет претставник од Левица.

Инаку, Левица го оспори овој закон уште во јануари 2021 година, и тоа по четири основи: (1) дека спроведувањето попис сред пандемија е кривично дело, бидејќи оваа масовна теренска операција го загрозува јавното здравје; (2) дека Законот за попис е во директен судир со три специјални закони за кризен менаџмент, кои задолжително се применуваат во услови на здравствена криза, со што ја загрозува правната сигурност на граѓаните и го подрива владеењето на правото; (3) дека Законот е во судир со задолжителните норми на меѓународното право и со воспоставените интернационални стандарди на кои лажно се повикува; и (4) дека Законот ја повредува приватноста на граѓаните во очигледен несразмер со поставените статистички цели, заради штимање на резултатите и фабрикување на реалноста преку процес на лажиран етноинженеринг.

Искрено се надеваме и јавно го повикуваме Уставниот суд да постапи во склад со своите уставни овластувања и барем еднаш да се одважи и да биде вистински „чувар на Уставот“, поништувајќи го овој шверцерски донесен закон – така што ќе отвори правен пат за разумно одлагање на пописот во догледна иднина и за донесување на комплетно нов закон, во кој ќе бидат инкорпорирани сите меѓународни препораки и стандарди на ЕУРОСТАТ и на Обединетите Нации.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
7 јули, 2021

 

 

Најнови објави