Левица – Свети Николе: Газдата профитира, власта импровизира, синдикатот се бламира а градоначалникот се бламира

Левица Свети Николе

Откако претходниот месец педесетина работници од светиниколските конфекции „АД Мода“ и „Камотекс“ останаа без егзистенција, овој месец слична судбина дочекаа уште околу 180 работници од истите конфекции. Работодавачот врши класична злоупотреба на Законот за работни односи, затоа што истиот овозможува да ја заобиколи регулативата, без да сноси никаква одговорност!

Според искази на вработените во конфекциите, мнозинскиот сопственик Ангел Димитров, поранешен пратеник на СДСМ познат по тоа што им има нанесено многу штети на работниците во Македонија преку својата Организација на работодавачи и кој што беше дел од криминалното приватизирање на фирмата што ја управува, намерно ја доведува фирмата во незавидна ситуација, за подоцна да може за мала вредност целосно да ја присвои!

Фирмата која некогаш броеше над 1000 вработени, денес не работи ниту со 1/3 од својот капацитет. Нејзиниот извоз е целосно намален, а ова што денес им се случува на работниците очигледно е однапред испланирано сценарио. Имено, на работниците кои работат години наназад во конфекцијата, не им било доделено решение за работен однос на неопределено работно време, а на оние кои имале вакви договори истите им биле преиначени во договори на определено работно време. Оваа слабост во законите кроени по терк на капиталот Димитров ја користи за да ги избегне обврските кон работниците така што кога ќе реши да ги отпушти, едноставно не им го продолжува договорот.

Дополнителен проблем е тоа што врз вработените се вршени разни притисоци, па голем дел од нив „сами“ си дале отказ, за на таков начин да добијат барем минимална неколкукратна помош.

Патем, сите овие работници се синдикално организирани под „капата“ на ССМ, и секој месец одвојуваат дел од нивната плата за заштита на сопствените работнички права. Некои од нив повеќе од триесет години наназад плаќале чланарина за ССМ да ги застапува нивните права, но, засега ССМ е целосно пасивен, изгледа дека повеќе е расположен да игра како што му свират, небаре е член на играорно друштво, а не синдикален сојуз!

После оваа катастрофа, градоначалникот Сашо Велковски ги покани отпуштените работници на средба „за изнаоѓање на решение“. Свесен за тоа што го чека на локалните избори после постапката на неговиот сопартиец, прави очаен обид за манипулација со работниците, смислен за ако може „да се спаси некој глас“.

Патем, во обидот за манипулација, на истата средба ќе присуствува советникот на премиерот за труд и социјална политика. Наместо да бара системско решение, централната власт на СДСМ продолжува да импровизира со цел да ги манипулира работници.

Ова е уште еден показател колку се итни и неопходни промени во Законот за работни односи.

И оваа власт, идентично како претходната, никогаш нема преземено иницијатива за решавање на легислативните проблеми во Законот за работни односи, туку напротив, со години наназад истиот го менува единствено во полза на капиталот, а на штета на работникот.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО СВЕТИ НИКОЛЕ
19 јули, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ