Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Пратениците на Левица бараат од претседателот на Републиката да не го потпишува указот за прогласување на Законот за државјанство

    Пратениците на политичката партија Левица – проф. д-р Димитар Апасиев и Борислав Крмов, го повикуваат Претседателот на Републиката – Стево Пендаровски, како еден од носителите на извршната власт, да го употреби своето уставно право на суспензивно вето и да не го потпишете Указот за прогласување на штетниот Закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, кој по скратена постапка беше изгласан вчера (29 јули 2021), на 47-та пленарна седница на Собранието на РМ.

    Причините поради кои го бараме ова од Вас се следниве:

    1. Законот не врши усогласување со правото на Европската унија

    Во воведот на Законот се наведени четири меѓународни конвенции донесени од Советот на Европа и од Обединетите Нации, кои немаат апсолутно никаква поврзаност со правото на Европската унија (фр. EU acquis) и потребата од негово транспонирање во домашното право.

    2. Законот не е подготвен согласно со одредбите на Деловникот на Собранието на РМ

    Овој контроверзен рогациски закон, формално правно, не ги исполнува критериумите кои се предвидени во чл. 135, ст. 2 и 3 од Деловникот на Собранието на РМ за закони со кои се врши усогласување со правото на ЕУ, бидејќи во Воведот воопшто не се наведени податоци за изворниот акт на Европската унија со полн назив, број и датум! Дополнително, во прилог на Законот е доставено и фалсификувано мислење со лажна Изјава за усогласеност на прописот, од страна на Секретаријатот за законодавство во Владата на РМ – за што нашиот правен тим подготвува и соодветна кривична пријава до ОЈО Скопје.

    3. Законот е дискриминирачки за децата од ромска националност

    Законот ги фаворизира децата на иселениците од РМ, кои се родени во странство (претежно во Косово, Албанија, Швајцарија и сл.) и за нив предвидува олеснета натурализација, додека пак ги доведува во нееднаква положба и не го решава клучното прашање на децата кои се родени во Македонија и целиот свој живот живеат во РМ, а немаат македонско државјанство.

    4. Законот предвидува несериозни критериуми за стекнување државјанство, без преседан во компаративното право

    Неточно е дека законот се однесува на апатриди/бездржавјани, туку истиот се однесува на лица кои веќе имаат странско државјанство и кои ќе го добијат македонското како второ државјанство – со што истиот е во директна спротивност на Конвенцијата на Советот на Европа за намалување на случаите на повеќедржавјанство (1963).
    Законот, по трет пат од распадот на СФРЈ (1991), ќе дава државјанство по пат на сукцесија – што е единствен пример на бившите југословенски простори и истиот не бара ефективна врска со државата која го издава државјанството, што е непознат феномен!
    Законот не предвидува познавање на македонскиот јазик како услов за стекнување државјанство, а давањето државјанство ќе биде со обични копии од платена сметка за струја (феномен непознат во светот)!?

    5. Законот е спротивен на темелните вредности на уставниот поредок на Републиката

    Со овој Закон, неосновано и дрско се руши концептот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и длабоко се подрива еднаквоста на граѓаните пред законите, како и конзистентноста на уставниот поредок, преку вметнување нормативен текст кој не е во функција на градење непротивречен правен систем во една функционална правна држава, туку е во функција на нов вештачки етно-инженеринг, во насока на фалсификување на демографската реалност, во очи на илегалниот Попис 2021.

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
    30 јули, 2021

    Најнови објави