Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Кочани во пламенот на пеколно неодговорната власт

    Над десет пожари пламнаа на територија на Македонија вчера. Најдраматично беше во Кочани каде што пламенот проголта повеќе куќи, лозја, стопански објекти и површина под шума, а постоеше опасност да го зафати и складот на Макпетрол!

    Граѓаните се најдоа соочени со огнената стихија небаре во средниот век! Масовно и храбро излегоа да гаснат со кофи вода и лопати земја во обид да им помогнат на пожртвуваните пожарникари кои херојски се бореа и покрај тоа што немаат доволно опрема, а возилата им се застарени и премалку на број.

    Иако Македонија е држава во која летните температури достигнуваат рекордни височини, па пожарите се присутни секое лето, власта очигледно има поинакви приоритети. Само последниве месеци сведочевме на набавка на 45 возила од ПОРШЕ ЛИЗИНГ ДООЕЛ Скопје, скапа 2.000.000 евра, за набавка на електрични тротинети, итн. итн., а канадерите се приземјени веќе неколку години поради немање средства за сервисирање. За споредба, прославата по повод Рамковниот договор ќе чини 500.000 евра, а сервисот на канадерите- 400.000 евра.
    Државава само оваа година плати околу 200.000.000 евра за членство во НАТО, а од друга страна не располага со хелихоптер кој има опрема за ноќно летање, па жителите на местата зафатени со пожар требаше да причекаат да се раздени?!

    Место кон ветената светла иднина и европска перспектива, оваа власт ги одведе граѓаните во црна бездна претворајќи ја државава во темен вилает во кој царуваат криминал, неспособност и беззаконие, а граѓаните се препуштени на самите себе.
    Лицемерното доаѓање на премиерот во градот кој се најде во агонија поради неспособноста и негрижата на власта не може да се перцепира поинаку, туку како доаѓање на злосторник на местото на злосторот!

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО КОЧАНИ
    03 август, 2021

    Најнови објави