Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Стечајците повторно извисени

    Владата повторно пред избори се сети на стечајците, но само за да ги искористи за политички маркетинг, а не за суштински да ги реши нивните проблеми.

    Имено, со новиот Закон за материјално обештетување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или популарно наречен – Закон за стечајци, кој што беше изгласан пред четири дена, ќе бидат опфатени само 1100 стечајци и тоа оние со над 14 години работен стаж, додека оние со помалку години стаж остануваат со празни раце, без никаков надоместок, самите да се снаоѓаат како ќе преживеат.

    Во Левица секојдневно пристигнуваат поплаки од стечајците, кои останаа како колатерална штета на приватизацијата и за кои што државата со години не води грижа и се сеќава на нив само кога доаѓаат избори.

    „Имам работен стаж од 18 години, но платени ми се само 11 .Имам 56 години, а мојот сопруг, исто така стечаец, има 60 години. Ниту имаме приходи, ниту некој не прима на работа, ниту пак можеме да се надеваме на пензија.И оваа и претходната Влада само ни ветуваа дека ќе ни го решат проблемот и ќе нè обештетат, но тоа досега не се случи… “

    Ова е само една од многуте животни приказни на стечајците во Македонија. Само од поранешниот гигант за производство на чевли „ЧИК Куманово”, има над 600 стечајци кои што имаат и по над 17 години стаж, но кои што не можат да ги остварат своите работнички права, бидејќи придонесите за социјално осигурување не им се плаќани со години и истите не се евидентирани.

    Овие лица, не само што не можат да ги користат правата од Законот за стечајци, туку истите нема да можат да остварат ниту право на пензија откако ќе ја исполнат старосната граница, бидејќи го немаат потребниот минимум од 15 години стаж.

    Веќе видовме дека огромни финански средства од Буџетот на РМ се трошат за лизинг на службени возила, патни трошоци, рамковна администрација и слични други непродуктивни трошења и луксузирања на властите, кои што служат за задоволување на мегаломанските желби на државната администрација. Финансиски средства има и доколку кај Владата има политичка волја, може да го реши проблемот на стечајците. Но, јасно е дека истата гарнитура која ги исфрли работнциите на улица за време на мрачната транзиција и од работничкиот имот создаде новопечени олигарси, нема интерес да ги обештети оние врз кои го изгради своето богататство.

    Левица се залага за целосно обештетување на сите стечајци подеднакво, без разлика на висината на нивниот работен стаж и за таа цел има изготвено сосема нов Закон за стечајци, со кој што сите стечајци ќе бидат целосно обештетени и со кој што нема да им се нуди милостина, туку ќе го добијат она што реално им припаѓа, а тоа се сите заостанати плати и придонеси. Истиот ќе биде донесен после падот на ваквиот хибриден режим и штом се создадат политички услови за тоа..

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
    03 август 2021

    Најнови објави