Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Нефункционалната и разнебитена македонска држава е директен производ на Охридскиот рамковен договор

    Охридскиот рамковен „Договор“ (ОРД) го постави темелот за разнебитување на македонската држава. 20 години после неговото потпишување и сите општествено-политички промени кои се случија како резултат на неговото интегрирање во уставниот и политичкиот систем, јасно е дека тој претставува главен извор на нефункционалната, разединета, крајно корумпирана и национално обезличена држава. Од оваа состојба профитираа само поединци и тесни криминогени групи, а изгубија сите државјани на Македонија.

    Конфликтот во 2001, кој доведе до потпишување на наметната капитулација, со кој практично се укина граѓанскиот карактер на државата, беше резултат на надворешна агресија поддржана од САД и НАТО силите. Впрочем, доказ за ова е тоа што, покрај домашните политички актери, потписници на Договорот беа и ЕУ, САД и НАТО. Крајната цел беше задоволувањето на нивните геостратешки интереси на Балканот. Со насилното наметнување на ОРД беше легализирано агресивното киднапирање на институциите, територијата и јавните ресурси од страна на албанските национал-шовинисти, како награда за нивната лојалност кон западниот империјализам. Без овој Договор немаше да биде возможна промената на името, расчеречувањето на македонскиот идентитет и агресивното втурнување на државата во НАТО пактот спротивно на волјата на народот. Без него немаше да биде возможна ни капитулацијата пред бугарскиот национализам која државниот врв се подготвува да ни ја сервира. Ниту пак ќе беше возможно владеењето на ДУИ како врховен политички лидер, кој секојдневно и бесрамно ја силува државата.

    На внатрешен план, ОРД беше овозможен од страна на сите оние кои играа улога на неми набљудувачи, соработници или соучесници во спроведувањето на плановите и исполнување на целите на агресорите. Сите оние кои во 2001 придонесоа во наметнувањето на вештачката капитулацијата на македонските одбранбени сили, а во годините потоа го помагаа легитимирање на Охридскиот „Договор“, беа и продолжуваат да бидат наградувани со политички функции, тендери и други привилегии. Нивните „успеси“ секогаш и без исклучок биле во директна спротивност со интересите на обичниот човек.

    Реформите кои беа извршени по ОРД силно влијаеја врз етнификацијата на политичкиот систем, и само дополнително ја зацврстија трибалистичката политичка култура во Македонија фрагментирајќи ја политичката заедница. Етничките идентитетски политики и мултикултурализмот по теркот на ОРД, на корумпираните политички партии им овозможија имунитет од одговорност во форма на етничкиот штит. Целта на овие процеси беше да се замаскираат социјалните нееднаквости и да се оневозможи политичка мобилизација на надетничка односно класна основа. ОРД ниту ги подобри меѓуетничките односи, ниту пак ја унапреди демократијата. Напротив, во пост-рамковната македонска политичка состојба меѓуетничките односи се на историски најлошо ниво, како резултат на ефтиниот етнички популизам и дилетантизмот на политичките актери. Единствениот извор на привидна стабилност е соработката на политичките партии во нивното разграбување со јавните ресурси за нивните приватни интереси. Во уредувањето и водењето на меѓуетничкиот дијалог, наместо државата и институциите доминацијата ја презедоа политичките партии, со што се партизира секоја форма на меѓуетнички дијалог. Истовремено со флоскулата „соодветна и правична застепеност” практично се врши политичка трговија на „пазарот“ на трудот и „пазарот“ на гласови.

    Како резултат на политиките произлезени од ОРД националната култура ја изгуби можноста за создавање на еден гравитационен центар како преносител на заедничкиот и општ интерес во јавниот-политички простор. Ваквата состојба однапред ја укина можноста за било каква национална стратегија, со што низ годините можност за задоволување на своите националистички претензии кон Македонија видоа и соседите. Токму на ваков начин – во соработка со внатрешните политички елити – Македонија ги потпиша исклучително штетните договори со Грција и Бугарија, а сега со политиките на пописот и преговорите со Бугарија, поддржани од меѓународната евро-атлантска заедница.

    Поради сето ова, Левица одбива да биде дел од прославите на еден ваков договор, и уште еднаш нагласуваме дека нашата заложба ќе биде укинување на политиките и непочитување на практиките кои произлегуваат од ваквиот договор, со цел враќање на АСНОМ-ските идеали и постулати на републиката!

     

    ПРЕЗИДИУМ НА ЛЕВИЦА
    13 август, 2021

    Најнови објави