Работниците се колатерална штета на новите безбедносни мерки на владата

левица работници угостители вакцинации

Владата, која што повеќе од година и пол катастрофално се справува со пандемијата предизвикана од корона вирусот, понатаму продолжува да носи одлуки на штета на работниците. Како да не беа доста илјадници изгубени работни места и стотина затворени фирми, Владата наместо помош за стопанството, со новите безбедносни мерки прави нов атак врз правата на работниците.

Угостителскиот сектор, иако е најпогоден сектор од корона кризата, повторно е принуден поради новите мерки на Владата да стави клуч на врата и да ги отпушти и тие малкумина работници кои што им останаа. За разлика од угостителскиот сектор, кој што е директно погоден од новите мерки на Владата, од друга страна фирми блиски до СДС, небирајќи средства како уште повеќе да ѝ се додворат на Власта, а под изговор поради новите мерки на Владата, вршат индиректен притисок врз работниците истите да се вакцинираат.

Една од тие фирми е кочанска “АНТУРА”, која преку писмено соопштение им се заканува на работниците дека, доколку не се вакцинирани, ќе бидат прераспределени на друго работно место или привремено отстранети од работа. Иако притисокот е суптилен и индиректен, сепак влева страв кај работниците, кои плашејќи се за своето работнo место, изјавуваат дека се принудени да се вакцинираат против своја волја.

Други фирми пак, како кочанската фирма “АМФЕНОЛ” одат со друга форма на притисок преку нудење на “награда” од 500 денари и “новогодишен бонус” од 3.000 денари за оние работници кои што ќе се вакцинираат, а во исто време на кандидатите за вработување кои не се вакцинирани, ниту не им е дозволено да конкурираат за вработување.

Истакнуваме дека новите мерки се однесуваат исклучиво на угостителските објекти и трговските центри, а не за фабриките и останатите правни субјекти, па оттука, работодавците не смеат да прават никаква сегрегација на работниците по основ дали истите се вакцинирани или не, ниту пак смеат под тој изговор да вршат прерaспределба или отстранување од работното место.

Апелираме до сите работници одлуката дали ќе се вакцинираат или не, да ја донесат врз основа на свое сопствено убедување, онака како што самите сметаат дека е најдобро за нив и да не потклекнуваат под притисоците на работодавачите. Исто така апелираме до сите работници да побараат правна помош и да ги искористат сите правни средства доколку им биде нарушено некое работничко право.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
24 август, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ