Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Левица – Кочани: Оризопроизводителите пред колапс поради погрешните политики во земјоделието

    Погрешните политики кои се водат во областа на земјоделието, долги години наназад, чекор по чекор ги доведоа земјоделците до состојба на очај и безизлез.
    Политиките кои се насочени кон заштита на интересите на мала мафијашка клика, луѓе кои ниту виделе, ниту со рака допреле, а не пак да обработувале земјоделско земјиште доведоа до тоа земјоделците да се најдат во ситуација во која, иако ја произведуваат храната, одвај да можат да се прехранат, а не пак да инвестираат и да го унапредуваат земјоделското производство.

    Истиот проблем со кој се соочуваат тутунарите, лозарите, овоштарите, не ги одмина ниту оризопроизводителите. Цените за откуп на производството се диктирани од страна на неколкумина откупувачи, надвор од било каква пазарна логика, диктирани единствено од нивната алчност за профит. Сега, на праг од новата оризна жетва, повеќе од половина од минатогодишниот ориз лежи по амбарите. Оние кои успеваат да го продадат, принудени се да го дадат за 15-17 денара за килограм, пари кои ни одблизу не ги покриваат трошоците за производство.

    Власта и министерот за земјоделство од Беса, Арјанит Хоџа, не преземаат ништо за да ги заштитат оризопроизводителите од безочниот грабеж. Наместо да се донесат активни мерки, СДСМ ги манипулира со наводни субвенции кои ги дели како социјална помош, без никаква реална намера истите да бидат поттик и основа за развој и унапредување на земјоделието.

    Поради ваквите состојби за вторник, денес оризопроизводителите одржаа протест и блокада на регионалниот пат Штип- Кочани. Тие имаат барање да се утврди најниска цена за килограм ориз која би била минимум 25 денара, а исто така бараат оризот да има статус на заштитена култура и да не се дозволува увоз на ориз додека не биде откупен сиот ориз од домашно производство.

    Левица, како партија составена од работници и земјоделци, ги поддржува оризопроизводителите, но напомнува дека овој протест не е прв, а тешко дека ќе биде последен, доколку не се преземат суштински мерки за трајна заштита на правата на сите земјоделци, преку донесување и доследно спроведување на закони и мерки кои ќе бидат во склад со нивните интереси и потреби.
    Секторот за земјоделие во Левица има понудено такви мерки во програмата на Левица и истите постојано ги надградува низ секојдневна комуникација со непосредните производители, бидејќи грижата за земјоделецот и заштитата на сопственото производство на храна е една од нашите стратегиски определби.

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО КОЧАНИ
    19 септември, 2021

    Најнови објави