Левица – Центар: Одобрен амандманот на Левица за манифестацијата во чест на Горан Стефановски

Левица Центар Марија Среброва

Вчерашната седница на Општина Центар траеше непрекинати 7 часа. На истата се гласаа предлог – буџетите за општинските сектори за 2022 година, кои претходно беа разгледувани и дополнувани на соодветните комисии во кои членуваат советници од сите четири советнички групи и претставници од службите на општината.

Иако секоја комисија засебно заседаваше пред вчерашната седница во текот на изминатава недела, на кои советниците од „Шанса за Центар” не поднесоа никаков конструктивен предлог, ниту забелешка по кои комисиите и службите би се произнеле (што не е случајот со останатите советнички групи), сепак на самата седница поднесоа 37 амандмани. Поднесувањето на нивните амандмани имаше за цел опструирање на работата на Советот, општината и неосновано делигимитирање на стручноста и работата на општинските служби.

Додатно, вработените од засегнатите сектори, иако со работно време до 16 часот, присуствуваа до крајот на вчерашната седница која траеше безмалку до 19 часот, произнесувајки се за секој поднесен амандман.

За жал, секој од поднесените амандмани на ,,Шанса за Центар“ беше во колизија со законите. Амандманите беа нестручно направени без никаква претходна подготовка за нивно образложување. Со овие амандмани, „Шанса за Центар’’ или предлагаше воведување на активности во општината кои веќе се инкорпорирани и постоечки без тоа претходно да го проверат, или амандмани кои сосема се надвор од ингеренциите на Општина Центар, или амандмани кои се сосема спротивни на Законот за локална самоуправа и Уставот.

Во неколку наврати во текот на вчерашната седница, советничката група на Левица даде предлог до „Шанса за Центар’’ да ги повлечат амандманите за да не им пропаднат и стручно да ги доработат за да можат уредно да ги поднесат на некоја од наредните седници каде ќе се прави ревизија на буџетот за 2022 година. За жал, предлогот на Левица не беше прифатен и на своја штета „Шанса за Центар’’ инсистираа истите да се ставаат на гласање.

Левица ги осудува неспретните клевети од „Шанса за Центар’’ дека во советот на Центар сме во некаква коалиција, и најодговорно ја информираме јавноста дека по нивните амандмани ниедна друга советничка група не гласаше „ЗА’’. Сите 37 амандмани поминаа со 3 или 4 гласа „ЗА’’од можни 23, а останатите советници (од Левица, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) гласаа или воздржано или против, зависно од амандманот.
Левица на вчерашната седница имаше само еден амандман кој наиде на поздрав од сите советници и службите на Општина Центар и истиот беше прифатен без ниеден глас против.
Амандманот на Левица се однесуваше кон предлог-програмата за култура на општина Центар-Скопје за 2022. Истиот беше дискутиран на комисијата за култура каде претседател е Советничката на Левица – Марија Среброва и се однесува на манифестацијата во чест на Горан Стефановски.

За таа манифестација првично беа предвидени 0 (нула) денари и беше предвидено средствата да се обезбедат од донации. Со оглед на важноста на културолошкиот печат кој Горан Стефановски го има оставено во Општина Центар, побаравме за оваа манифестација од буџетот да се пренаменат барем 90 000 денари. Иницијативата наиде на поздрав и градоначалникот се произнесе и одлучи за оваа намена да додели додатни 100 000 денари без да се кратат средствата од останатите ставки на буџетот за култура.

Со ова Левица покажа што значи конструктивен амандман и се надеваме дека во иднина „Шанса за Центар’’ ќе го следат овој пример и одговорно ќе го оправдаат своето присуство во советот на Општина Центар, како и дека нема да ги изневерат граѓаните кои им ја доделиле својата доверба. Даваме шанса на „Шанса за Центар’, да се подобрат во својата работа со надеж дека повеќе нема да се занимаваат со ефтин популизам и ќе се посветат на конструктивна работа и придонес во советот на Општина Центар, за доброто на сите наши сограѓани.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ЦЕНТАР
18 декември, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ