Ристески: Организацијата постои и ќе постои со една единствена цел, да ги исполнува и одржува Гоцевите национални и социјалистички идеали

Новица Ристески Правен Сектор Левица

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Другари и другарки,

Појавата на Гоце Делчев, токму во тој временски период на национална, политичка, економска и социјална обесправеност и во таква општествена средина воопшто не била случајна. Специфичните општествени услови, кога Абдулхамидовата тиранија ги исфрлила од употреба термините: Устав, кабинет, револуција, па дури и забранила користење на телефон и електрична струја, налагале создавање на широка револуционерна идеја. Делчев, со својата храброст во тогашните околности на изразена угнетеност, успеал да созрее во врвен револуционер и социјалист, борец за национални и социјални права.

Со својот социјалистички поглед на светот и јасна визија за иднината, не се наметнал како тесноглед и ограничен националист, туку успеал да стане народен предводник и револуционерен демократ, борејќи се за културно обединување на народите, а како доказ за таквото негово дејстување е и една од неговите најпознати изреки „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Неговата организациона дејност придонела за омасовување на делото, поради што широките народни маси во него гледале надеж и иднина, притоа карактеризирајќи го како другар, учител и син.

Целосното негово залагање, како што и многу пати самиот кажал, е во насока на заедничка борба на сите обесправени против тиранијата и крупните земјосопственици. Во денешен контекст, сè уште актуелна тема, каде единствено крупниот капитал ги задоволува своите интереси преку државата, на сметка на трудот на обичниот работник. Во насока на поддршка на обесправениот народ, Делчев отфрлал секаква национална омраза и шовинизам. Искрено работел на обединување на целокупното експлоатирано население и поттикнување на борбата против тиранијата на власта, се со цел конечна слобода.

Од своите идеали за поинаква општествена организираност, со власт во рацете на обичниот народ, не го исклучувал ниту турското насление во Македонија, како што и самиот истакнал: Јас не ги мразам Османлиите како народ: Јас војувам против османлиската тиранија како господарски режим. Тоа само дополнително го покажува неговото прогресивно, демократско и револуционерно размислување за суштината на народноослободителната платформа против османлискиот тирански режим.

Црвената револуционерна идеја, апсолутно била основа на револуционерната филозофија која Делчев ја залагал. Таа била црвена револуција која требало да биде крената од целото население, односно, како што и самиот кажал, не може револуција да се води со 40 души, туку дека за тоа треба широк народен фронт, со искрена идеја за национално и социјално ослободување. Вака воспоставената револуционерна концепција, Делчев сметал дека единствено може да придонесе преку себеосознавање и себеиздигнување. Хуманизмот е и една од основите на целокупното негово револуционерно дејствување. Дејствување за кое во тогашните политичко – општествени околности може да му позавидат и оние кои денес продаваат, навидум, демократија по западна Европа.

Целта на неговата револуционерна филозофија е издигнување на револуционерната свест на целокупното угнетено население во неговата родна земја Македонија, со цел да се стави крај на поданичкиот однос, бидејќи како што и сам вели ќе прилегаме на питач кој ги чепка своите рани“. Заради подигнување на свеста, активно и неуморно работел како учител. Сето тоа од благородни побуди, да го пренесе своето знаење кон секој еден обичен човек. Тоа негово дејстување е основата на идејата за  востание во кое ќе учествува целиот народ, бидејќи како што и Делчев вели Востанието не е само цел, туку средство да се извојува саканата слобода“.

Неговата цел била извонредно осмислена, за на крај, преку силно креираната свест кај целото население, да се крене народната револуција и да се создаде Републиката. Нешто што исто така како демократско, социјалистичко и хумано дејстување не можат да си го замислат актуелните, навидум, светски демократии.

Гоце Делчев ќе остане мозокот и душата на организацијата, која секогаш ќе постои во најразлични форми (во зависност од општествените прилики) и околу која ќе бидат вплетени сите надежи и стремежи за слободен и достоинствен живот. Ораганизацијата постои и ќе постои, со една единствена цел, да ги исполнува и одржува Гоцевите национални, револуционерни и социјалистички идеали.

ХЕРОЈУ, ВЕЧНА ТИ СЛАВА!


Новица Ристески – член на Централниот Комитет.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ