Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Со милионски профит, „АД Европа” уште исплаќа минимални плати

    Од милионскиот профит во АД Европа, ќар гледаат само нејзините директори и акционери. Компанијата, која во 2020 пријавила добивка од над 1.3 милиони евра, како награди на О.Д. и дивиденди исплатила нецели половина милион евра, додека на работниците во просек им исплаќала едвај 350 евра. Додатоно на тоа, новопримените работници се жалат дека во високопрофитабилната компанија, тие се вработуваат на минималец.

    Профитот на приватните претпријатија, кој директно произлегува од неплатениот труд на работниците, во Република Македонија е оданечен со мизерни 10% – исто колку што е оданочен и приходот на оние кои живеат од плата. Дополнително, ваквиот данок на добивка е рамен – подеднакво ја даночи добивката и на малите трафики, и на средните претпријатија, и на големите корпорации во рацете на олигархијата.

    Прогресивниот данок на СДСМ, кој бившата министерка за финансии Ангеловска го стави во мирување, воопшто не предвидуваше зголемување на данокот на добивка. Данокот на капитални добивки, преку кој се даночат и дивидендите, беше најавено дека ќе се зголеми во иднина. Единствено приходот на повисоко платените работници беше прогресивно оданочен, со што социјалдемократите уште еднаш покажаа дека нивниот интерес не е да спроведе рамноправна распределба, туку само да си го наполни буџетот, и тоа од никој друг, туку од трудот на работничката класа.

    Додека власта е во рацете на бизнис-партии кои се дел и му служат на интересот на олигархијата, стандардот на работниците нема да се подигне. Работничкиот труд ќе вроди со високи профити, додека платата ќе продолжи да стагнира. И понатаму државната каса ќе се полни од џебот на работниците, преку даноци кои се класно агностични и ја игнорираат нерамноправната распределба на богатството во Републиката, а олигархијата, незауздана од државата, ќе биде во контрола на политиката.

    Левица, како партија на класно и национално освестените работници, во својата програма предвидува прогресивно даночење на добивката на претпријатија, како би можела и државата да види ќар од високопрофитабилните бизниси на олигархијата. Понатаму, Левица во својата програма предвидува и т.н. данок на експлоатација, преку кој претпријатијата кои остваруваат високи добивки, а плаќаат ниски плати на вработените, ќе бидат дополнително даночени, со цел истите да бидат казнети за зголеменото крадење на трудот на работниците.

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР ЕКОНОМИЈА
    07 февруари, 2022

    Најнови објави