Владата да ја намали акцизата на бензинот – буџетот да го полни од џебот на олигархијата

org-color-Вебсајт Хоризонтално црвена на бело

Во вакви кризни моменти, каде што цените на бензинот растат вртоглаво, Владата треба да застане на страната на сиромашните и да ги намали давачките кон државата, кои моментално изнесуваат и над 40%. Државната каса не смее да се полни со даноци кои се класно агностични и не удираат по џебот на олигархијата.

Сведоци сме на историски најголемиот скок на цената на бензинот и нафтата. Нискиот стандард на живеење во Македонија и недовербата на народот во волјата и компетентноста на Владата да ја изменаџира кризата и да ги заштити граѓаните, резултираше со огромни редици на бензинските пумпи. Стравот на народот дека инфлацијата, предизвикана од енергетската криза, само понатаму ќе продолжи да расте не е предизвикан од опозицијата, туку од досегашното искуство на народот со оваа Влада и нејзиното справување со ковид кризата.

Државната каса во Македонија со полни исклучиво со класно агностични даноци. Олигархијата и сиромашните работници плаќаат исти персонални даноци, исто ДДВ, исти акцизи, исти прекршочни казни. Профитот на олигархијата се даночи со иста стапка како и минималната плата, а неретко истиот останува и нецелосно пријавен, што државата го игнорира.

Давачките кон државата за бензин и нафтени деривати функционираат на истиот принцип и се исти за секого, без разлика дали бензин става некој со минимална плата, или милионери од калибарот на Мијалкови или Заеви. На овој начин, државната каса диспропорционално се полни од џебот на сиромашните работници, со цел профитот на капиталистите да не се чепка.

Левица се залага за намалување на овие давачки кон државата во форма на акцизи, како би се намалила цената на бензинот и со тоа би се ублажил растот кој го сведочиме деновиве. Буџетот на државата треба да се полни водејќи редистрибутивни политики, преку прогресивно оданочување на доход, добивка и богатство и воведување на даноци на луксуз и експлоатација, со што нема повеќе сиромашните да го сносат товарот од кризите.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
08 март, 2022

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ