Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Буџетот на Општина Ѓорче Петров се планира и реализира само за потребите на администрацијата, градоначалникот и советот, а за граѓаните – ако остане нешто

Советниците од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ сложно ја усвоија завршната сметка на Буџетот за 2021 година. Трошењето на средствата во првите девет месеци, особено во предизборниот период, беше под силна критика на тогашната опозициска ВМРО ДПМНЕ – но тоа беше само општонароден театар потребен да се добијат гласови на изборите.

Она што ги обединува гарнитурите кои се менуваат на власт во општината е исклучително непрецизното планирање на приходите и расходите. Поточно, непрецизно се планираат само потребите на граѓаните, а со хируршка прецизност се планираат сите луксузирања на општинската администрација, советот и градоначалникот. Со еден збор – општинската администрација постои, планира и реализира самата за себе, плановите за граѓаните се само формални и фиктивни – истите не се реализираат.

За да може да се потроши повеќе, мора најпрво да се испланира нереално поголем приход. Па така, години наназад редовно се планира скоро двојно поголем приход од она што реално може како приход да се оствари. И во завршната сметка за 2021 година планиран е приход од 14,8 милиони евра, а реализиран е приход од 9,2 милиони евра. Ваквите 40% промашувања се редовна практика години наназад иако набавената компјутерска опрема е пософистицирана, како и мобилните телефони, софтверите, мебелот, возилата, чоколадата, кафињата, пијалаците и сл.

Куриозитети на завршната сметка на општината Ѓорче Петров во 2021 година се реализираните непланирани приходи од: станарини во ученички и студентски домови; од возачки дозволи; од школарини за недипломски курсеви и семинари; од глоби за царински прекршоци; од земјоделски услуги и сл., што се запрепастувачки чудни извори на финансирање на општината. А не помалку чудни се и реализираните неплански расходи во износ од 232.000 евра за изградба и реконструкција на улици, патишта, водоводи и канализации, кои „секако се инцидентни“ и не коинцидираат со предизборната изложба на фотографии на тема „градоначалникот и тазе асфалтираните улици“.

Со ваквите евидентни промашувања во планирањето години и години наназад може ли воопшто да се говори за процес на планирање во општина Ѓорче Петров? Очевидно е дека за жал, планирањето на приходите и расходите се прави само за да се задоволат законските формалности за потоа процесите да се решаваат стихијно – неплански.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
22 март, 2022

Најнови објави