Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Власта се обидува да го загуши штрајкот во воспитно-образовните институции

Левица во целост ја поддржува борбата на просветните работници за достоинствено вреднување на нивниот труд, и ќе продолжи со поддршка до конечно решавање на проблемите со кои тие се соочуваат.

Наместо да обезбедат услови за работа на просветните работници, МОН и Владата продолжуваат да манипулираат со јавното мислење. Медиумите се преплавени со повици до родителите да ги испратат децата во градинките и училиштата, без да се објави план за како ќе се организира и реализира наставата, во време на генерален штрајк во образованието.

Иако со години пресметките за плата на вработените во воспитно-образовните установи се незаконски, тоа не ги спречува институциите да се повикуваат на законски регулативи за задушување на немирот во оваа фела. Додека Владата инвестира во оклопни возила, опфатот на деца на претшколска возраст во градинките е под 25 отсто од вкупниот број на деца на соодветна возраст. Така, тоа што надлежните институции се повикуваат на Конвенцијата за права на децата, ни укажува на лицемерието на оваа гарнитура чија политика не ги вреднува овие прашања како приоритетни, додека тргува со чувствата на децата и нивните родители.

Се апелира до наставниците да продолжат да ги трпат овие нечовечки услови,додека во јавноста се обелоденуваат скандали за тоа како генералните секретари на Владата ги крчмеле народните пари!

Од носители на факелот на надеж и иднина, просветните работници се донесени до просјачки стап поради политиката на експолатација на секој вид на труд, додека партиските шерифи се издигнуваат како идоли на младината. На овој начин преку образовните институции, се наметнува културолошка хегемонија на искривени вредности.

За партиските директори кои не насочени кон решавање на проблемите, туку кон продлабочување на јазот помеѓу двете страни, соодветно е тоа што наместо дијалог, тие се закануваат со најмување на заменски наставници, кои ќе продолжат со вршење на дејност во институциите со кои директорите управуваат своеволно. Иако заменските наставници беа воведени од претходната власт и СДСМ силно ги критикуваше, сега од позиција на власт, социјал-демократите ги користат истите недемократски методи за угушување на штрајк.

Најмувањето на заменски работници е неодржливо на краток и на долг рок, поради природата на оваа дејност, која претпоставува развивање на меѓучовечки односи помеѓу наставниците и учениците, и негување на оваа врска. Затоа, ги повикуваме институциите веднаш да ги задоволат потребите на просветните работници.

На сите работници кои ќе добијат закани за последици од штрајкот, Левица им стои на располагање со правна помош.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
11 април 2022

Најнови објави