Забрзаниoт раст на инфлацијата ги јаде платите и пензиите

финансии

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Најновите макроекономски показатели од Народна банка покажуваат дека инфлацијата и натаму забрзано расте и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8%. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради сѐ повисоките увозни цени. На нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, а поради застојот кај синџирите за производство, поскапуваат и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет.

Инфлација, со годишна стапка од 8,8%, ни покажува дека општото или просечното ниво на цените во март оваа година, во споредба со нивото на цените во март претходната година е повисоко за 8,8%. Тоа значи дека и парите ја губат својата куповна моќ за 8,8%. Овие економски фактори најмногу ги погаѓаат граѓаните со најниски примања. Стапката на инфлација се зголемува секој месец, за разлика од платите и пензиите, а ваков забрзан раст на инфлацијата предупредуваат економистите, може да се очекува до крајот на годината.

Годишната стапка на инфлација во февруари изнесуваше 7,6% (6,7% во јануари), при забрзување на годишниот раст на цените кај енергетската и базичната компонента. Најзначаен придонес кон годишната стапка на инфлација имаат зголемените цени на горивата, свежиот зеленчук, лебот и житните производи, како и зголемената цена на електричната енергија, согласно со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, од 30.12.2021 година, цената на електричната енергија за универзалниот снабдувач „ЕВН ХОМЕ“ ДОО Скопје од 1 јануари 2022 година се зголеми за 9,48%. Остварената годишна стапка на инфлација во февруари е над проектираната стапка од октомврискиот циклус проекции, при нагорно отстапување кај сите три главни категории, но најизразено кај енергетската и прехранбената компонента.

И покрај измените на Законот за данок на додадена вредност и Законот за акцизите, како дел од пакетот мерки чија основна цел беше заштита на животниот стандард, Владата не успеа да ја намали вредноста на потрошувачката кошничка. ДДВ ослободувањето при увозот и прометот на производите за човечка исхрана, примената на повластената стапка од 10% при увоз и промет на енергенсите, и намалувањето на акцизата за одредени енергенси кои се наведени во Одлуката, ќе се применува до 31 мај 2022 година. Засега, овие пакет мерки не го спречија ценовниот шок, а за нивна примена остануваат уште 40-ина дена.

Забрзаниот раст на стапката на инфлација ги јаде платите и пензиите и веќе подолг период ги обезвреднува, а ценовниот удар воопшто не е ублажен. Ваков тренд се предвидува до крајот на 2022 година, а цените на голем број производи нема да се вратат на нивото пред кризата.За да не се намалува реалната куповна моќ, платите и пензиите треба да растат сразмерно со стапката на инфлација, а за да се зголеми животниот стандард, потребно е стапката на инфлација да биде многу пониска од покачувањето на платите и пензиите.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА-Сектор Финансии

19 април, 2022

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ