Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Просветарите со нивната борба и сега држат час!

    Веќе втора седмица трае штрајкот на воспитно-образовните установи. Место редовните часови, наставниците се принудени да одржуваат час по борба за работнички права.

    Додека СДСМ беше во опозиција, тогашната пратеничка на СДСМ и доскорешна министерка за образование, Мила Царовска, тврдеше дека со опструкциите на правото на штрајк на просветните работници, се гази Уставот и правата на работниците, според Конвенцијата на Меѓународната организација за труд.

    Ова сведочи за лицемерието, манипулациите и уцените и на сегашната власт на чело со СДСМ како и за лицемерието, манипулациите и уцените на денешната опозиција, тогашна власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Власта, во нејзиното познато владеење на хибриден режим, се закани со неисплаќање на плати, бидејќи наводно, така било предвидено со Законите за основно и средно образование, ЗРО и Колективниот договор!

    Ваквото дрско и селективно читање на законите е сосема вообичаено за недемократската влада, затоа што наставниците ништо не бараат, туку токму тоа: ПОЧИТУВАЊЕ НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР. Истиот тој, кој над деценија, се крши од грбот на воспитно-просветните работници!

    На воспитувачите и на наставниците одамна им е јасно што се случува и како се поткопува образовниот систем, со цел дополнително класно раслојување и продлабочување на социјалниот јаз во ова до темел гнило општество, а веќе им станува јасно и на родителите. Никаде во светот не постои квалитетно образование без квалитетно вреднување на трудот.

    Нашите деца заслужуваат многу повеќе и подобро од тоа што до денес го сервираат политичките кујни на безочните трговци кои во континуитет, со измами и манипулации ја узурпираат власта со единствена цел истата да биде инструмент за нивно богатење и за дополнително урнисување на работничката класа.

    Образованието е мостот по кој работникот мора да помине за да се издигне во социјалниот дијалог како рамноправен соговорник. Затоа го поткопуваат, го минираат и уриваат.

    Левица ги поддржува просветарите во нивната борба. Издржете, Вие и сега држите час!

    ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

    21 април, 2022

    Најнови објави