Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Со поднесената – Резолуција бараме негирањето на македонскиот народ да се осуди како неофашистички чин

На Денот на победата над фашизмот, пратениците на Левица поднесоа Предлог – Резолуција против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици.

Повикувајќи се на историските државно-правни одлуки донесени на АСНОМ, особено Манифестот на АСНОМ, како основен документ на македонската државност, Предлог-Резолуцијата предвидува Собранието на Република Македонија да ги отфрли и осуди негирањата на постоењето на македонскиот народ со посебен национален идентитет, јазик, култура и историја, на негова засебна национална свест и самобитност или тврдењето дека тие се „вештачка творевина создадена по Втората светска војна“ – било тие да доаѓаат од странски или домашни институции, политички актери или поединци, и истите да ги оцени како македонофобски чин и [нео]фашистичко дејствување против македонскиот народ и држава.

Свесни за ужасите од Втората светска војна, потсетуваме на злоделата, ѕверствата, репресијата и ужасниот терор на кој беше изложен македонскиот народ од страна на бугарските (врховистички) и албанските (балистички) окупатори, кои како соработници на нацистичка Германија и фашистичка Италија, меѓусебно ја поделија територијата на Македонија и го поробија македонскиот народ, извршувајќи бројни злосторства врз него.

Негирањето на македонската антифашистичката борба, НОБ и оспорување на антифашистичкото минато на македонскиот народ, Собранието на Република Македонија да го цени како [нео]фашистички и шовинистички чин, кој исклучително го нарушува националниот интерес на Република Македонија, и истиот го смета за обид да се рехабилитираат фашистичките окупаторски идеи од пред и за време на Втората светска војна.

Ги повикуваме сите релевантни академски и научно-образовни институции и поединците кои работат во нив (МАНУ, Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, универзитетите и факултети), здруженијата на борци на НОБ, како и медиумите, невладините организации и останатите јавни личности, да се вклучат во борбата против рехабилитацијата и промоцијата на фашистичките и нацистичките идеи и идеологии.

Оваа предлог-Резолуција е во склоп на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот. Како дел од одбележувањето, нашиот институт „Рацин” организира проекција на филмот „Битката за Севастопол”, која ќе се одржи денес во Културно-информативниот центар, со почеток од 19:19 часот.

Целиот текст на предлог – Резолуцијата може да се погледне на линкот

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
10 МАЈ 2022 ГОДИНА

 

Најнови објави