Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Дали Владата подготвува да испрати оружје во Украина кое дополнително може да ги наруши односите со Руската Федерација?

Според информациите кои стигнаа до Левица – Секторот Безбедност од офицери вработени во армијата, деновиве на Воениот аеродром на АРМ се врши контрола и поправки на петте „Сухои“ авиони.

Имено, според добиените информации, овие поправки се вршат од страна на украински воени инженери, што индикативно укажува на тоа дека ова се прави за да се достават во Украина, како донација од наша страна, со цел да бидат подготвени за користење на фронтот.

Она што дополнително е загрижувачки за нашата јавност се ознаките на нацистичкиот баталјон „Азов“, забележани на униформите кои ги носи персоналот што ги подготвува авионите. А, интересно е да се напомене дека и „Сухоите“ беа купени токму од Украина која сега, наводно истите, ќе ги добие назад, иако претходно беа платени.

Во ситуација кога македонското небо е „чувано“ од страна на грчкото воздухопловство, а нашето воздухопловство се наоѓа во материјално незавидна ситуација и скромни капацитети да одговори на било каков евентуален предизвик, ваквиот потег дополнително ја става безбедноста на Република Македонија во уште поранлива позиција.

Со ваквото однесување, Македонија си ја подрива и така лошата меѓународната позиција! Преку директното вмешување во специјалната воена операција во Украина, државата не може да извлече било какви придобивки за македонскиот народ. Со таквиот потег единствено што може да се постигне е ново влошување на односите со Руската Федерација во време на економска и енергетска криза.

Ги повикуваме како Министерството за одбрана, така и Владата на Република Македонија да соопштат на јавноста:

– Постои ли присуство на украински воени лица во македонските бази?

– Дали истите во државата се наоѓаат под симболот на фашистичкиот баталјон „Азов“ и ги подготвуваат „ловците“?

– И дали навистина ќе се потврдат индикациите за вмешување на државата во украинскиот конфликт, што дополнително може да ги загрози националните интереси?

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА-Сектор Безбедност

02 јуни, 2022

Најнови објави