Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

И покрај ветувањата за заштита, скопскиот Аквадукт и понатаму руиниран

Скопскиот аквадукт е еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. Но, дали со ова културно наследство се однесуваме со должна почит? Обраснат со трева, затрупан во смет, еден од најзначајните споменици на културата, со години е оставен на забот на времето.

Во септември 2021 година, поранешната министерката за култура Стефоска, придружувана од директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, и од директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, одржа прес конференција пред лаковите на скопскиот аквадукт. Таа се пофали дека „Аквадуктот го добива заслуженото внимание и грижа“.

Осамнуваа наслови по порталите кои произлегуваа од оваа прес конференција:

„Со реставрација ќе се враќа духот на скопскиот Аквадукт“; „Имаме шанса да го спасиме Скопскиот аквадукт“; „Повеќето луѓе знаат каде е Сити мол, а не знаат каде е Аквадуктот“, итн.

Наводно тогаш, започна првата фаза на конзервација и реставрација на скопскиот Аквадукт, откако Владата донесе одлука да го прогласи за културно наследство од особено значење и го доби највисокиот акт на заштита, што би требало да овозможи трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла.

Но, од тогаш ништо посебно не се има случено, а Аквадуктот продолжува да тоне во заборав.

Знаеме дека Министерството за култура е министерство кое се користи како монета за поткусурување. По секои избори се дава на онаа партија или личност од коалицијата која сакаат побрзо да ја откачат. По Стефоска дојде и новата министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Историскиот објект кај скопско Визбегово, низ годините е сѐ повеќе руиниран и тоне во негрижа. Деновиве по социјалните мрежи се појавија и фотографии од состојбата со Аквадуктот. Тие кажуваат дека од грижата, конзервацијата и реставрацијата на едно од позначајните знаменитости и културни наследства на Скопје, остана само негрижа.

„Заштитата е скапа работа, но, не е ништо во однос на вредноста на ова културно добро“, изјави тогаш Стефоска. За жал, заштитата на историјата, културата, културното наследство и националните интереси продолжија да бидат последното нешто што ја интересира оваа власт. Министерката Стефоска ќе остане запаметена по сомнителните вработувања на несоодветен кадар по културните институции, додека пак министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, освен по појавата во скафандерот во улога на пратеник во Собранието, не сме ја виделе со каков било ангажман во културата.

Со оваа власт, културата и културното наследство остануваат надвор од какви било државни приоритети.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

04 јуни, 2022

Најнови објави