Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Четири години од преспанскиот договор – денес ЕУ со нови уцени

Изминаа четири години од потпишувањето на таканаречениот Преспански договор, со кој владејачките елити од двете страни на државата, поддржани од европските бирократи, директно го прекршија цивилизациското право на самоопределување на македонскиот народ.

После четири изминати години од оваа историска неправда, суштинските проблеми на нашата држава, како сиромаштијата, класната раслоеност, деградираната животна средина и криминалот не се решени, туку се продлабочени, како резултат на политиките водени од владејачката елита.

Нелегитимниот референдум за промена на уставното име на Република Македонија, беше формулиран со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Манипулативната формулација, со отпочнување на прашањето со „членство во ЕУ“, сепак резултираше со неуспешни 36 отсто излезност.

Четири години од потпишувањето, се наоѓаме пред уште едно понижување, затоа што бугарските услови стануваат дел од преговарачката рамка за членство на Република Македонија во Европската Унија.

Бироктратската машина на ЕУ застана зад шовинистичката надворешна политика на официјална Софија, испраќајки сигнал за политичко изолирање и непријателство кон Република Македонија. Две децении, нашето општество има оптимистичен став за членството на ЕУ, но, низата на случувања од потпишувањето на Преспанскиот договор, поврзани со охрабрувањето на бугарската насилничка дипломатија од страна на европските партнери, придонесуваат до обесхрабреност и негативно јавно мнение за преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.

Нашата дипломатија не смее да продолжи да учествува во преговори за идентитетот на македонскиот народ, јазик и држава, бидејќи од Европската Унија нема да има кочница за бугарските апетити.

Со Преспанскиот договор, Република Македонија официјално почна да се користи како воена база на САД и НАТО. За прв пат се случи во нашата држава да парадираат и маршираат војски на туѓи држави, помеѓу нив беа и војските на окупаторските и фашистички држави од Втората светска војна.

Истовремено, за овој империјалистички чин, македонскиот народ плати 2% од БДП, односно 11 милијарди денари (колку што тој изнесува оваа година), додека нашиот стратешки партнер беше помогнат со дополнителни 210 милиони долари, народни пари, потрошени за вооружување.

Реалноста во која живее македонскиот народ, четири години подоцна, ги исфрли на виделина сите ноторни лаги на политичкиот естаблишмент, изнесени во време на кампањата за промена на уставното име на Република Македонија. Европска перспектива ни од далеку не се гледа, користењето на правото на вето од соседните држави (членки на НАТО) е претворено во децениска пракса, додека Европската Унија постојано ги толерира фашисоидните постапки и национал-шовинистичките однесувања на нејзините членки кон македонската држава.

Самиот начин на кој беше извршена промената на името, преку амнестии за тешки криминали, погазување на народната волја и ослободување на криминалци и затвореници, според извештајот на „Економист”, резултираше со прогласување на Македонија за хибриден режим. Ова е јасен доказ дека новото нелегитимно име не е прифатено од обичните граѓани на Република Македонија и не може да биде никаков гарант за просперитет или помирување.

Помирување и солидарност помеѓу народите се гради единствено преку почитување на националното право на самоопределување на секој народ и соработка на работничката класа, а не преку договори склучени од криминалните елити, поддржани од империјалистички пакт кој го репродуцира национал-шовинизмот.

Преспанскиот договор беше донесен заради лукративните интереси на домашните и странските моќници, кои ја уништија социјалната држава и воспоставија владеење на олигархијата и криминалот – и како таков мора да биде поништен!

Ниту една нација не може да биде слободна се додека опресира други нации.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

17 јуни, 2022

Најнови објави