Протест поради нереконструирање на ‘патот на смртта’ Р1109 – делницата Гевгелија – Богданци

gevgelija гевгелија

Ограноците на Левица Богданци и Гевгелија ги повикуваат сограѓаните на протест во недела  (26.06.2022) во 18.00ч на регионалниот пат Р1109.

Регионалниот пат Р1109, од Гевгелија до Богданци, е во катастрофална состојба. Поради тоа истиот не е безбеден за сообраќај, а како резултат на тоа само во последните пет години на истиот во сообраќајни несреќи животот го загубија десетина луѓе.

Патот воедно е и причинител на огромни материјални штети по автомобилите на нашите сограѓани кои секојдневно возат по овој пат.

Надлежна институција за реконструкција на овој пат е Јавното претпријатие за државни патишта кое е основано и е под контрола на Владата на Република Македонија.

Од Општина Гевгелија и Општина Богданци, на чија територија се наоѓа овој државен пат, има три пратеника во Собранието на Република Македонија. Две се пратеничките Драгица Ѓавочанова-Пратеник и Марија Костадинова од СДС, а третата пратеничка е Ангелинка Петкова од опозиционата ДПМНЕ.

Апелираме до нив да не спијат и да одработат нешто за нивните сограѓани кои им доверија пратенички мандат. На нив како пратенички сите врати од сите државни институции им се отворени и воопшто нема да им биде тешко да излобираат за реконструкција на овој пат. Ова особено важи за пратеничките од СДС од чии гласови директно зависи опстанокот на оваа власт под чија контрола е Јавното претпријатие за државни патишта.

Во Годишниот план за работа на ЈП за државни патишта за 2022 година веќе е предвидена реконструкција на овој пат. Но половина година помина, а од рекoнструкцијата уште ништо.

Затоа сограѓани, ве повикуваме на протест во недела со цел да ги разбудиме нашите пратенички и да ја потсетиме власта и надлежното јавно претпријатие да ја завршат домашната задача и да го реконструираат овој пат. За таа цел денес беа поставени транспаренти на патот. Протестот ќе се одржи на патот Р1109, на раскрсницата Ѓавато, Богданци и Стојаково, пред бензинската пумпа Шимов.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ГЕВГЕЛИЈА и БОГДАНЦИ

20.06.2022г.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ