Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Стоп за распродажбата на „Мауцкер“ за едно евро квадрат

На следната седница на Советот на општина Охрид (закажана за петок), една од точките на дневен ред е Предлог- програмата за управување со градежно земјиште во сопственост на општината.

Дел од оваа програма е оттуѓување на градежното земјиште кај „Мауцкер“ по неверојатна цена од едно евро квадрат!

Оваа скандалозна точка по втор пат се обидува градоначалникот Пецаков да ја протне на Совет, овој пат за време на одмори, кога граѓаните не ги следат тековните политички збиднувања.

Во месец декември оваа точка прв пат дојде на дневен ред, при што советничка од Левица, Виолета Аврамоска јавно алармираше и истата беше тргната од дневен ред.

Утре во 10:00 часот е закажана оваа точка на Комисијата за урбанизам, при што апелираме и останатите советници да се спротистават на распродавањето на општински имот за ниски цени.

Безредието, хаосот и узурпацијата на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид продолжува и после промената на локалната власт, со што паѓаат во вода ветувањата на градоначалникот дека ќе работи единствено за интересите на Охрид и Охриѓани.

Со вакви одлуки се поддржуваат локални моќници и нивните бизниси, кои често се финансиери на владејачките партии.

Повикуваме градоначалникот Пецаков да излезе пред јавноста и да ги запознае граѓаните за целите и мотивите на оваа скандалозна одлука.

Речиси и да не постои земјиште во сопственост на Република Македонија каде нема апетити од страна на урбанистичката мафија, со „амин“ од надлежните за заштита на градот на УНЕСКО!

ПОЛИТИЧЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ОХРИД
22 август, 2022

Најнови објави