Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Јакимовски го саботира Советот за да удоволи на урбанистичката мафија

(прес-конференција на Бранко Ристов, претседател на Советот на Општина Карпош)

„Како претседател на советот на Општина Карпош од редовите на Левица, првично, се обраќам поради одлуката за стопирање на изградбата на 28 катницата во близина на „Жан Митрев“, а потоа и поради општите околности во Карпош.

Одлуката го задолжува Градоначалникот и Општината да стопира со издавање дозволи за градба, како и за изработување на елаборат за суспензија со крајна цел ревизија на истиот. Во овој случај, блок 08 од ДУП З 05 како простор предвиден за зградата во прашање. Одлуката е донесена со 12 гласа ЗА на седница одржана на 18 август. Ова е исчекорување нанапред и воедно преседан за Карпош во борбата против урбанистичката мафија.

На мое изненадување, Градоначалникот кој изјави дека се противи на изградбата на висококатницата на локацијата, сепак не ја поддржа Одлуката на советот преку неговите членови на Советот и дополнително ја користи администрацијата за одлуката да не стапи на сила.

До денес, во овој мандат имаме две инстанци кога Градоначалникот саботира седници и две кои не ги прифаќа како постоечки. На првата ги повлече сите точки од дневниот ред, моментот кога стана извесно дека ДУП-от за „Пуцко Петрол“ нема да помине. За да ја исполни целта, сепак, свика вонредна седница со таа цел.

Во јули, на ист начин беше саботирана втората седница, повлекувајќи ја администрацијата, на која исто така се наоѓаше точката за спречување на оваа 28 катница.

Оттука можеме да видиме дека градоначалникот оди сам против себе и својата неодамнешна телевизиска изјава во врска со 28 катницата. Големата слика е уште позагрижувачка, бидејќи Градоначалникот своеволно одлучува кога Советот ќе има седница, која седница ќе се дозволи да се одржи, и која седница е важечка. Градоначалник по функција нема право да ја оспорува легитимноста на Совет само затоа што е без мнозинство кое како безгласна буква ќе прифаќа сѐ што тој одлучил на своја рака.“

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

24.08.2022г.

Најнови објави