Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Апасиев: СДС и ДУИ се спремни да го згазат Уставот, борбата со оваа квислиншка окупациска Влада ќе биде жестока!

Интервју на Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за Весникот Вечер

Додека Левица е во Собранието, криминалните и предавничките политики на власта ќе имаат свој архинепријател! Џафери е само еден запченик во машинеријата што ја толчи Македонија и затоа, на нашата генерација ѝ се падна историската улога да им застане на патот на овие силеџии. Секое разумно и радиклано средство што го предвидува политичкиот систем како оружје во рацете на народот, треба да се искористи во борбата против овој опасен и антидржавен режим. Ние се соочуваме со многу повеќе од Влада без легитимитет   се соочуваме со авторитарна власт, која ја доживува и ја мери својата успешност во однос на исполнувањето задачи од туѓи агенди, чиј интерес не е оној на мнозинскиот македонски народ. Ги живееме најмрачните денови на современата македонска држава. Дивјачката корупција ни го разјадува системот! Преминати се сите граници на цивилизирано владеење, останати се руините на балистичкиот и ванчомихајловистичкиот башибозук. Желбата за ослободување на Македонија од гробарите на македонизмот е незапирлива! Наше е да се бориме за националното ослободување на Македонија кога ѝ се заканува федерализација, дејтонизација, бејрутизација, водени од странски разнебитувачки интерес. ДПМНЕ мора да застане зад референдумот затоа што народот, а не Левица, го бара тоа од нив, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР лидерот на партијата ЛЕВИЦА, Димитар Апасиев.

 По неуспешноста на иницијативата за референдум, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, најавивте нова иницијатива од Вашата партија, против францускиот предлог. По одлуката на собранискиот спикер, која многумина ја оценија како скандалозна, верувате ли искрено дека некоја иницијатива воопшто може да успее?

Скандалозното однесување на Џафери кон пречекорување на овластувањата што му следуваат на претседателот на Собранието, непрестајно го следи уште од неговото назначување и истото, на моменти, преминува во кривично-правен настан. Впрочем, задоволувањето на апетитите на ДУИ, на која пробугарската СДС неосновано ѝ ја подари моќната спикерска функција, уште од почетокот ни даде увид во целите и во средствата што ќе ги користи оваа антимакедонска Влада за да ги оствари своите подли намери. Карактерологијата на Талат Џафери, кој е произведен од воена хиерархиска структура на командување, ги надополнува неговите политичка умешност и вообразеност. Патернализмот го надградува антидржавната идеологија на ДУИ, обременета со тероризам, иредентизам и со сецесионизам, и тоа изгледа токму вака – собраниски спикер кој, преку заповеди и забрани, ги сквернави Деловникот и Уставот во Парламентот како „храм на демократијата“ и на плурализмот.

Хибридните режими, како нашиов, кој одработува за странски агенди, имаат цел да го подјармат изворот на суверенитетот – народот под политичката волја инструментализирана во институциите. Референдумските иницијативи се предвидени за врховниот суверен – граѓаните политички да се изјаснат за прашања од јавен интерес! Гласот на народот мора да биде слушнат и уважен и да биде насока во која политичките актери ќе мораат да се движат.

Но, што друго да очекуваме од бугарофилскиот неофашистички режим на СДС и на ДУИ? Во временската рамка на нивното владеење, сочинета е една единствена константа за политичката актуелност: народот, во сета непресметливост и нестаблиност на структурата и политиките на Владата, може сигурно да очекува истрајност кога се работи за исполнување странски желби и интереси, која не познава формално-правни и морални пречки. За Владата на СДС и на ДУИ, Уставот на Република Македонија претставува непријатна пречка на патот за исполнување на антинародните цели. И затоа се спремни да го згазат, како многупати досега, охрабрени од лицемерието на НАТО и на ЕУ-структурите.

Иницијативата на Левица содржи чесна формулација на референдумското прашање, која не им дозволува на Џафери и на корумпираните пратеници од власта да ја саботираат. Во крајна инстанца, евентуалниот бојкот на референдумот и одбивањето на иницијативата треба да се толкуваат како антиевропски чин и повреда на стратешките определби на Републиката.

 По отфрлањето на иницијативата за референдум, Вашиот став е дека е време за целосна блокада на Собранието. Какви ефекти може да има од тотална блокада кога народот ви дал доверба да ги застапувате неговите интереси внатре во Собранието?

Па токму тоа и го правиме. Ги застапуваме македонските национални интереси токму онаму каде што сме пратени – во Парламентот. Не заборавајте дека за разлика од премиерот, нашите пратеници излегоа на избори и уредно си освоија мандати од народот. Да се потсетиме дека најмрачните дни на современата македонска држава се токму овие што ги живееме денес. Сенките од минатото повторно демнат над нас и вдахнуваат сили во новите форми на повампирениот фашизам. Сенки што ни ги ништат сегашноста и иднината преку орвеловска „нова вистина“ за минатото. Челниците на возобновувањето на фашизмот се наоѓаат на нашето државно кормило. Мислам дека не сме доволно свесни колкава опасност се крие во овие погубни политики на владејачката хунта. Овој собраниски состав, во оваа форма (со киднапирани, потплатени и уценети пратеници во владејачката коалиција), не е ништо повеќе од легалистичка потпора за злоупотреба на демократските механизми, на чија поткрепа едвај опстојува нелегитимната Влада на никогаш неизбраниот и „трајно неспособен“ Димитар Ковачевски.

Неизбраниот премиер, пак, ја наследи нелегитимната Влада на квислингот Заев преку крајно сомнително прекројување на собраниското мнозинство, покажувајќи го ноторниот недостиг на демократски капацитет во СДС и во ДУИ, како нивна структурна карактеристика. Олигархиските инсталации во СДС, конечно, треба да сфатат дека изворот на легитимитетот се наоѓа во електоратот, а не во странските амбасади на Западот.

Народните институции никогаш не биле подалеку од народот. Додека параполициските структури, кои се впуштени во злоупотреба на демократските механизми за воспоставување на авторитарниот режим, се на терен – ние не можеме да зборуваме дека блокирањето на работата на Собранието е недемократски чин во поглед на електоратот. Напротив, тоа е стадиум во политичката борба со кој се оневозможуваат погубните политики на властелинската врхушка, која повеќе функционира како платеничка „петта колона“ отколку како легитимна власт произлезена од народот и за народот.

– Филибастеринг или целосна блокада, што би било поефективно во ваква ситуација?

Секое разумно и радиклано средство што политичкиот систем го предвидува како оружје во рацете на народот, треба да се искористи во борбата против овој опасен и антидржавен режим. Задачата на опозицијата во услови на Влада без легитимитет е да предизвика предвремени избори за ново непосредно изразување на гласачката волја.

Ние се соочуваме со многу повеќе од Влада без легитимитет – се соочуваме со авторитарна власт, која ја доживува и ја мери својата успешност во однос на исполнувањето задачи од туѓи агенди, чиј интерес не е оној на мнозинскиот македонски народ. Во широката јавност, искрените намери на Левица се препознаваат и се вреднуваат како продуктивни и неопходни. Сепак, Левица е само еден дел од опозицискиот блок и е спремна да го даде својот максимум.

– Очекувате ли да биде тензично есенва во Собранието?

Секоја година од владеењето на Ковачевски и на Заев во историјата ќе биде запомнета по безбројните скандали и афери. Дивјачката корупција ни го разјадува системот! Носечката карактеристика на овој режим можеме да ја забележиме во безбројните политички и правни преседани кои беа поставени времено, во контекст на краткорочни или долгорочни цели на власта. Онаму каде што контролата е делумна, како во законодавниот дом, власта наместо да ја почитува опозицијата во рамки на законската регулатива која ги штити опозициските позиции – таму злоупотребата е целосна и преминува во ароганција и класично беззаконие. Не остана сламка за која можеме да се фатиме соочувајќи се со каприците на спикерот, премиерот или на министрите. Преминати се сите граници на цивилизирано владеење и управување. Она што е останато се руините на балистичкиот и ванчомихајловистичкиот башибозук, слично како во време на Втората светска војна, кога Македонија пискала под чизмата на овие окупатори.

Нашиот политички карактер, како што го знаат граѓаните така го познаваат и нашите политички непријатели. Додека Левица е во Собранието, власта ќе се соочува со пречки и фуриозна борба за заштита на достоинството на Македонија и на македонскиот народ! Уште на почетокот од владеењето на Заев, Левица ја препозна опасноста од оваа владејачка гарнитура и итноста за спротивставување, многу пред влогот да биде преголем, многу пред да дојдеме до ситуација во која можеме сè да изгубиме. Борбата со оваа квислиншка окупациска Влада ќе биде жестока, но на крајот ние ќе победиме. Тоа ни е аманетот од Рацин.

– Зошто постои толкава нетрпеливост меѓу вас и претседателот на Собранието, Талат Џафери?

Затоа што јас почитувам правила и барам и тој да ги почитува. Кога тој неуко и силеџиски ги крши, тогаш се враќаме во т.н. „преддржавна состојба“, каде што повеќе не важат правилата на игра кои заемно сме ги прифатиле. Ако ти не почитуваш устав, закон и деловник, зошто да ги почитувам и јас?! Политичкиот развој на Левица може да се разбере како порив на општеството за демократизација и крик на работниот народ за ослободување од прангите на големите буржоаски партии.

Традицијата на македонската претставничка демократија е временски кратка, но квалитативно содржајна кога станува збор за аномалиите што ја сочиниле долж процесот на политичка трансформација на општеството. Економската трансформација, т.е. транзицијата или приватизацијата, е добро забележана во сиот сјај на злото што беше нанесено врз севкупното општествено ткиво за доброто на поединци, кои ги ограбија јавните капацитети. Така, и политичката трансформација ги затече граѓаните во мисловно бунило, бидејќи за разлика од легислативата, која во еден момент се менува, метаморфозата на политичката култура трае подолго. Политичките лешинари од 1990-тите создадоа послушни гласачки војски преку вработувања, уценувања и играње со ниските страсти на луѓето. Децениското робување на граѓаните кулминираше во исто време со формирањето и последователниот раст на Левица – како противтежа во овој модел на спротивставени процеси. Желбата за ослободување на Македонија од гробарите на македонизмот е незапирлива! Токму затоа, сите расположливи капацитети на овие мафијашко-политички констелации што се наоѓаат наспроти Левица, се вперени во нас – оти за оваа борба, тие одамна се подготвени.

Лекцијата што во оваа фаза треба да ја забележиме е тоа дека институционалното присуство на Левица има поголем ефект отколку каков било револт што би го изразиле луѓето без да има каде да се канализира тој. Во ова се содржи противречноста помеѓу Левица и Талат Џафери. Додека Левица е во Собранието, криминалните и предавничките политики на власта ќе имаат свој архинепријател! Џафери е само еден запченик во машинеријата што ја толчи Македонија и затоа, на нашата генерација ѝ се падна историската улога да им застане на патот на овие силеџии.

 Му поднесовте кривична пријава на Џафери откако ја отфрли иницијативата за референдум како неуставна. Верувате ли дека Џафери ќе одговара?

При трансфер на власта во рацете на Левица, последиците од сквернавењето на Уставот и на законите ги очекуваат сите криминални политичари од оваа гарнитура и секоја следна што во себе може да содржи политичари со антисоцијален дух и нечесни намери. Конкретно, за собранискиот хегемон, крајот на неговата приказна, како и на многу други, ги очекува при неизбежниот пад на ДУИ од позицијата на „вечна власт“.

Повеќе од што било, битно е да постои институционална меморија која ќе овозможи директно процесирање на кривичните пријави на сите сегашни функционери по падот на режимот. Правото кое не познава правичност, е само инструмент во рацете на владејачите – па затоа, и нивната слобода не е вечна.

 Откако ја најавивте, ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за Вашата иницијатива за референдум. Каде може да се најдат Левица и десница? Можна ли е коалција меѓу Вас и Мицкоски?

ДПМНЕ мора да застане зад референдумот затоа што народот, а не Левица, го бара тоа од нив! Оттаму, не ни значи нивната расположеност во однос на ова прашање, бидејќи и во спротивна насока нивната иницијатива ќе добиеше наша поддршка.

Во поглед на јазичната разиграност која ја иронизира националната кауза изедначувајќи ги термините „левица“ и „десница“ во еквилибриум со нивните начелни значења, сметаме дека тоа претставува амортизирање на незадоволството на народот. Нам, како на левичари, не ни се остава простор за повторна интерпретација на позициите што треба да ги браниме, бидејќи левичарската традиција на овие простори одамна ги има одговорено.

Државотворниот елемент во нашата историја е работничката класа, која со пушки и револуција ја извојувала својата слобода во Втората светска војна и застанала рамо до рамо со сојузниците и победниците над нацистичките и фашистичките ламји. И пред оваа конечна разврска и раѓање на македонската држава – и претходно левичарската традиција не познавала недоумици кога станува збор за самоопределувањето на македонскиот народ, на чиј пат не смее ништо да застане.

Ние ја продолжуваме оваа АСНОМ-ска и партизанска традиција на здрави и општествено корисни левичарски политики, и повеќе од сите – нацоналното прашање ни припаѓа нам! Наше е да ги одбраниме социјалните и антифашистичките темели на кои нашите прадедовци ја поставија државата. Наше е да се бориме за националното ослободување на Македонија кога ѝ се заканува федерализација, дејтонизација, бејрутизација водени од странски разнебитувачки интерес.

Затоа, ако модерната десница ги смета овие позиции за сходни, тогаш тие се добредојдени во таборот на таа борба – а не обратно.

– Не сте анти-ЕУ партија, но велите дека тоа не мора да биде единствената алтернатива?

Историјата ни кажува дека на ова поднебје постои императив за благосостојба и развој на државите во регионот. Тој историски императив се мирот и соработката помеѓу балканските народи! Унифицирањето на заедничките цели на Балканот е предуслов да нема поделби помеѓу нас – поделби зад кои стојат интересите на големите сили, кои неминовно благородните идеи за балканско „братство и единство“ ги исмеваат и ги ставаат на отстрел.

Заеднички и обединето, Балканот може да проектира неверојатно стратешко значење, како раскрсница помеѓу географски условени политички и економски целини. Како и во минатото, сега повторно се наоѓаме во неславна историска етапа во која сме крајно разединети – западните општествени науки познаваат феномен на „балканизација“, со значење на делење и фрагментација.

Додека не се сврти историското тркало кон поволни околности, ние во Македонија мораме со сите сили да се бориме со виорот на ова проклето време, кога повторно се наоѓаме на нишан на апетитите на великодржавничките кормила на соседни земји, кои исполнуваат тесен дијапазон на странски интереси. Поучени од минатото и тежината на сегашноста, нашата држава и регион никогаш не биле позагрозени отколку во последните три капиталистички децении во кои сите слепо се свртени кон еден извор на светлина (ЕУ) – како мимикрија на вистинска надеж.

Македонија, предводена од Левица, ќе испрати сигнал за ново време во нашиот регион, во кое нема слепо да им се слугува на бескрајните ветувања за подобро утре. Македонија може и мора да биде оставена сама да ја избира и да ја креира својата судбина!

– Кој е Вашиот став за уставните измени? Превисока ли е цената што треба да се плати за датум за почеток на преговорите?

Како многу пати досега, сметаме дека неопходен е реципроцитет во меѓународните односи, особено со соседите. Особено кога знаеме дека Република Бугарија со децении не го признава македонското етничко малцинство во Пиринска Македонија, кое е подложно на политички прогон и на културна асимилација. Како е можно една кредибилна Европска Унија да ѝ дозволува на своја земја членка да не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур кога станува збор за македонското малцинство во Западна Бугарија?

Нема да дозволиме под умислата на лажниот прогрес, желбите на друга држава да се проектираат врз нашата внатрешнополитичка стварност на насилнички начин, особено кога имаме со таа држава скорешен пример на окупација и припојување на Македонија кон окупациската држава. Туѓото го нејќеме – своето не го даваме!

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
25.09.2022

Најнови објави