Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Нови 1.7 милијарди евра задолжувања – 20 отсто од буџетот за отплата за стари долгови

Владата го усвои најпогубниот Предлог буџет на Република Македонија за 2023 година, со рекордни расходи во износ од 5,282 милијарди евра, од кои 31,65 отсто ќе бидат покриени со нови внатрешни и надворешни задолжувања во износ од 1,672 милијарди евра. Една петтина од буџетот ќе се трошат за отплата на главнина и камати од претходните задолжувања.

Економскиот раст е намален и проектиран на 2,7%, а нереално се планира намалување на инфлацијата, нејзината проекција изнесува 7,1 %, иако во континуитет најавуваат покачување на цените во 2023 година.

Годишната стапка на инфлација во октомври оваа година се искачи на 19,8 отсто и јасно е дека оваа влада нема капацитет да се справи со инфлаторните движења. Иако со новиот Закон за буџети, утврдено е буџетскиот дефицит да изнесува 3 отсто од БДП, власта не ги почитува фискалните правила која самата ги постави пред два месеца и проектира буџетски дефицит во износ од 4,6 % од планираниот БДП.

Нетранспарентното работење на власта, остава сомнеж за голем дел од проектираните расходи, како договорни услуги, субвенции за приватни претпријатија и трансфери до невладини организации, кои изнесуваат 756 милиони евра.

Капиталните расходи проектирани се на 795 милиони евра, од кои 40% ќе се потрошат за капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, 16% за вложувања и нефинансиски средства и само 20% остануваат за градежни објекти и изградба и реконструкција на патна инфраструктура.

Развојната компонента во буџетот е минимизирана поради изменетата структура на трошење на јавните пари во последниве години.

Заклучно со третиот квартал оваа година, јавниот долг на Македонија изнесува 7,644 милијарди евра, а проектираниот буџет за 2023 година нема да ги оствари основните цели за справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација, напротив, ќе ја однесе Македонија во катастрофална ситуација и должничко ропство.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
09.11.2022

Најнови објави