Во Предлог Буџетот за 2023 година, Владата проектира 35 отсто повисоки приходи во споредба со претходната година, иако Бесими вели дека нема да се воведат нови даноци, но можно е да се укинат дел од даночните ослободувања.
Повисоките проекции за даночни приходи, се темелат на повисока даночна основа за пресметка на данок, поради повисоките цени, а неданочните приходи бележат значајно зголемување кај глобите, судските и административните такси и други невладини услуги.
Главен виновник за дел од приходите е проектираната инфлација, која оди во прилог на власта, затоа што повисоките цени носат и повисоки даночни и неданочни приходи.
Но, ова не е сè. Апетитите на власта се далеку поголеми и не можат да ги покријат своите мегаломански потреби со инфлаторните движења, па затоа ќе ги задолжат идните генерации за покривање на буџетскиот дефицит и за раздолжување на долговите, односно за отплата на главницата и каматите.
За капитален развој не останува простор, затоа, место да се планираат развојни проекти од јавен интерес, ќе се доделуваат капитални субвенции на претпријатија и невладини организации, најчесто блиски до власта. Без да се спроведе мониторинг за користење на овие средства, ефектот ќе биде само богатење на одредена група „среќно избрани“.
Од приходната и расходната страна на Предлог Буџетот, јасно се гледа дека на удар ќе биде обичниот човек, кој едвај крпи крај со крај. Зголемувањето на цените ќе го погоди сиромашниот, како и укинувањето на даночните ослободувања, кои на некој начин беа увертира во прогресивното оданочување.
Без даночни реформи и воведување на прогресивен данок, само ќе се продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните. Влада која е дел од олигархиската структруа, никогаш нема да воведе прогресивни даноци, не само на личен доход, туку и на данок на добивка, а посебно нема да преземе чекори за воведување на данок на луксуз. Буџетот ќе го полни со покачување на цените и со нови задолжувања.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
26.11.2022