Приватните агенции за обезбедување со амин на власта грубо ги кршат работничките права

0
84
Приватните агенции за обезбедување со амин на власта грубо ги кршат работничките права

Левица секојдневно добива поплаки од работници што работат во недела и не им се исплаќа ништо што им следува по закон, особено во секторот за приватно обезбедување.

Имено, газдите на овие агенции за обезбедување се имаат меѓусебно договорено да не ги исплаќаат не само неделите на работниците во обезбедување, туку и другите надоместоци што им следуваат по закон.

Ниту една агенција за обезбедување, покрај тоа што не ги исплаќаат неделите согласно законот, ниту исплаќаат ноќен труд, ниту исплаќаат работа за време на празник, а не исплаќаат ниту за работа во смени, ниту минат труд и ги оставаат околу 30 000 вработени без средства кои законски ги заработиле.

Работниците во овој сектор се оставени да преживуваат на мизерни 18 000 денари во време на рекордна инфлација! Од друга страна, овие агенции постојано бележат несразмерен раст на приходот, па само во 2019 година, дваесет агенции за обезбедување оствариле приходи од 36,6 милиони евра.

До 2017 година, кога на власт беше коалицијата ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, омилена агенција за добивање тендери беше компанијата СГС. Како што се промени власта, се променија и играчите во овој бизнис, па миленик на власта на СДС и ДУИ за делење државни тендери е сопственикот на агенцијата Никоб, Кирил Лазаров.

Обезбедувањето на имотот на ЕВН и владината служба за општи и заеднички работи се најголемите милионски тендери кои ги добива НИКОБ. Вкупниот износ на тендерски договори кои ги добила фирмата во период од 2018 до 2022 година изнесува 40 милиони евра.

Ние како единствената парламентарна партија на трудот прашуваме:

Дали тоа што сопствениците на овие фирми се блиску до ДПМНЕ, СДС и ДУИ има било каква поврзаност со ова еклатантно непочитување на законот и брутално кршење на работничките права?

Дали Трудовиот инспекторат, по партиска директива, не ги санкционира ваквите кршења на законот?

Дали владата, предводена од корумпираните СДС и ДУИ, преку цедење државни пари го уништува јавниот сектор, за да профитираат блиски луѓе до овие две партии?

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
23.12.2022

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде