Македонското културно наследство препуштено на несоодветен кадар

0
17

Државниот завод за ревизија во својот годишен извештај констатира дека состојбата на културното наследство во земјата е повеќе од загрижувачка.

Причините за оваа состојба се многубројни: недоволни вложувања од страна на државата, неефикасни и нестручни служби во институциите коишто функционираат без меѓусебна координација – тоа се главните забелешки во извештајот на државниот завод за ревизија.

Резултатот од овие состојби е поразителната состојба на нашето најголемо богатство, почнувајќи од спомениците на културата, археолошките локалитети, цркви, манастири и џамии, па се до состојбата на артефактите во музеите. Со еден збор, идентитетските кодови на една нација. Но, сето ова е резултат од партизираноста на клучните институции за заштита на културното наследство во државата.

Управата за културното наследство ја води Аријан Арсланај, партиски кадар на Алијанса на Албанците, којшто по професија е музичар. Во интервју, Аријан Арсланај објаснуваше дека не е добро со Управата за заштита да раководи лице кое е од струката, како на пример архитект или археолог, туку да биде некој кадар, кој како него ќе биде неутрален и ќе функционира како менаџер на институцијата. Така, музичарот Аријан Арсланај, сега директор и самопрокламиран менаџер, со своите менаџерски способности ќе може непристрастно да раководи со институцијата – Управа за заштита на културното наследство.

Слична е и улогата на Афет Јашари, советник за културно наследство во Министерството за култура, исто така партиски кадар. Афет Јашари во интервју тврдеше дека тој воопшто не е одговорен за тоа какви се состојбите во заштитата на културното наследство во државата.

Надлежните сѐ уште ги заштитуваат спомениците на културата само на хартија. Поради нередовно одржување на објектите кои се под надлежност на културното наследство на Македонија, пропаѓаат куќи и објекти од историско значење. Се крати буџетот за таа намена, а со тоа се уништува недвижното културно наследство, кое е и историско наследство.

Јасно е дека недостасуваат и експерти по оваа проблематика. Конечно треба да се создадат екипи од архитекти, градежни инжењери и реставратори, кои паралелно ќе работат на неколку објекти, со цел да не го изгубиме духовниот печат, кој сега за жал заминува во заборав, а и побрзо да ги надоместиме пропустите и незаинтересираноста на властите изминатите 30 години.

Повеќе од очигледно е дека на партиските кадри како Костадиновска, Арсланај и Јашари воопшто не им е приоритет културното наследство на Македонија. Тие ги исполнуваат партиските агенди во која македонското културното наследство е последно во интересите.

Се додека несоодветни кадри ја водат заштитата на македонското културно наледство, тешко дека ќе ги сочуваме идентитетските маркери и она што предците ни го оставиле во залог при остварувањето на вековниот стремеж за македонска држава.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

24.01.2023