Александар Димитријевиќ – кандидат за градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Aleksandar Dimitrijevik 1 jpg

Накратко би се опишал како професионален, детален и посветен на прашањето за развивање и унапредување на правата на работниците. Верувам во правда и дека едно општество не може да се развива без владеење на прaвото и правдата. Не се плашам да се фатам во костец со проблеми и да барам и наоѓам решенија за истите.

Роден сум во 1986 година во Скопје, во мојата општина Ѓорче Петров. Тука завршувам и основно (ООУ „Димо Хаџи Димов“) и средно образование (во гимназија „Кочо Рацин“), каде ги поминувам најубавите денови од детството и младоста. Дипломирав на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во 2011 година, а кратко по дипломирањето положив и правосуден испит и во 2013 година станав член на Адвокатска Комора.

По дипломирањето стекнав работно искуство преку пракса во адвокатска канцеларија во период од 2011 до 2013 година. По положување на правосудниот испит, па се’ до денес, сум адвокат кој активно се занимава со својата професија, преку која се запознав со сите недоследности во системот и потребата од нивно надминување.

Како адвокат особено внимание посветувам на развивање и унапредување на правата на работниците преку семинари и работилници. Професијата адвокат ја извршувам во адвокатска канцеларија во моја сопственост, која тековно брои 6 членови. Адвокатската канцеларија е член на меѓународни асоцијации и здруженија меѓу кои IUSFUL (www.iusful.com).

Мотивација за вклучување во политика

Незадоволен од политиката која политичките партии низ години ја водат и одлуките кои ги носат на штета на државата, се причина поактивно да учествувам во политичкиот и јавниот живот, сметајќи дека со моето искуство и знаење од областа на правото и пошироко, можам да придонесам за промени, како и за запирање на лошите практики, од каде всушност мора и да почнеме. Исто така сметам дека веќе не можеме само да се жалиме на штетата која криминални структури ја прават на државата и народот и дека е дојдено време и самите да се активираме за да им застанеме на патот на уништувачите на татковината. Ако сакаме иднина за нас и нашите поколенија, тогаш борбата мора да ја почнеме ВЕДНАШ!

Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?

На локално ниво, како роден, израснат и жител на општина Ѓорче Петров, ги познавам проблемите со кои се соочуваме сите жители и сакам да се вложам во нивно конечно решавање. Меѓу другите би ги издвоил како итни за решавање непланската и прекумерна бетонизација на просторот и ревизија на спорни ДУП-ови, недостаток на спортски, културни и рекреативни центри, недостаток од зелени површини, проблем со атмосферската канализација, дивите депонии и друго.

Сметам дека треба да се посветиме на контролирано градење, справување со инфраструктурни проблеми, нови еколошки решенија за почва, воздух и животна средина, како и на унапредување на работничките права.

Овие прашања бараат итно делување, кое нема да заврши само како предлог решение на хартија, туку конечно ќе почне да се чувствува и промена на терен, во просторот во кој луѓето секојдневно го поминуваат своето време и животот.

Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?

Левица е партија која ми остави впечаток со нејзиниот јасен и чесен пристап кон решавање на наталожените проблеми и аномалии на општеството, како и детектирањето и борбата со погрешните политички одлуки на преставниците од другите партии. Левица ја препознавам како политичка партија на правници, интелектуалци и надежни млади луѓе кои на своја кожа го осетија товарот на погрешно водените политики од времето кога Македонија стана самостојна држава, па се’ до денес. Луѓето во Левица на своја кожа имаат осетено што значи украдена младост и живот. За разлика од младите во другите држави, ние (младите овде) бевме приморани детството да го поминеме во приватизации (голем број отпуштени работници/наши родители и нагло осиромашени семејства), афери со банки и штедилници, фингирани војни и воени состојби, притисоци од соседни држави, промена на идентитетски ознаки… што резултираше во крајно лоша економска состојба на семејствата во Македонија. Левица за мене е олицетворение и глас на народот. Иако нема многу преставници во законодавниот дом како другите партии, двајца беа доволно гласни и храбри, за да ги слушнеме и да се приклучиме кон борбата која ја води Левица. Левица е партија која може да продуцира одлични законски решенија во иднина и здрав политички систем и уредување на државата.

Мојата порака до народот

Животот е само еден. Го живееме овде и сега. Со децении губиме време во неквалитетен живот во срушен систем. Сега е крајно време да покажеме дека вака веќе не бива! Дека е ДОСТА! Ние не сме само неми набљудувачи на сопствената несреќа. Напротив, секој еден од нас е должен и има сила да промени нешто во општеството. Па нека е таа активност и само гласање на избори, сепак е доволно важна и моќна да доведе до нови можности и промени. Моето знаење како правник ме научи дека правда добиваат само оние кои никогаш не престануваат да ја бараат. Ние како народ заслужуваме конечно да доживееме правда – промена на корумпираните политичари со нови и чесни луѓе, кои ќе го запрат урнисувањето на Македонија, а потоа заедно да почнеме да ја градиме. Овие избори се клучни за одредување на иднината на нашата татковина. Ако ја искористиме можноста да го кажеме нашиот глас, можеме да тргнеме во нова насока. Ако пак, ја пропуштиме можноста да го кажеме нашиот глас, со сигурност ќе им помогнеме на нашите домашни окупатори да владеат уште долго во споствена корист, на штета на народот. Излези, гласај за Левица и помати им ги сметките на оние кои заслужуваат да ги казниме, заради сета штета која ни ја направија во последните 30 години.