Мотивација за вклучување во политика
Сите процеси кои се случуваат во општество се значајни за секој поединец. Немото набљудување од страна на сѐ она што се случува околу нас, а притоа не превземајќи некаква иницијатива за да се спречат погрешните процеси, нé прави подеднакво виновни како и оние кои ги создаваат тие процеси. Сé што имам постигнато во животот сум го направил со сопствен труд, упорност, знаење и работење, па оттука сметам дека и борбата за Македонија треба да тргне од секој поединец, секоја улица, секое маало, детско игралиште, училиште. Оттука е и мојот ангажман и активирање во политиката. Преку својата работа, посветеност и упорност, сакам да дадам свој придонес во општествените случувања, како во општина Бутел, така и во Македонија.
Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?
Секој човек во текот на неговиот живот требе да се труди, да работи и твори за подобра околина, град и држава. За жал, мојата општина и градот Скопје, со години не нудат квалитен живот, заради корупцијата на поединци и групи, кои за профит го уништуваат општественото добро.
Со мојата кандидатура во советот на општина Бутел, сакам, преку својата работа, труд и максимална ангажираност, да придонесам за подобрување на квалитетот на живот на сите сограѓани. Ќе се трудам да се запре недомаќинското работење во општината, да се инвестираат народните пари во насока на квалитетни услуги за граѓаните, да се отвори советот и општината за идеите на граѓаните, да се уреди општината според потребите на граѓаните – децата, младите, семејствата и повозрасните. Ќе се потрудам, моето влегување во советот на општината да биде почеток на градење на една поубава, подобра и пофункционална општина за сите граѓани.
Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?
Во текот на 30 години независност на Македонија се изнагледавме и се изнаслушавме секакви ветувања, од разни политичари, од различни политички опции, а сите тие ветувања на крајот завршија како обични лаги, кои да не беа трагични по сите нас, ќе беа смешни. Но, за жал не се воопшто смешни. Левица преку свое делување го привлече моето внимание како единствен политички субјект кој не е под влијание на олигарсите и претставува единствената искра надеж за народот. Јас како човек кој транзицијата ја има сетено на свои плеќи, единствено во Левица препознав политики субјект кон кој треба да се приклучам. Субјект во кој преку својот ангажман, ќе дадам и личен придонес кон запирање на разнебитувачките процеси во државата, а воеднои кон создавање на држава поставена на здрави темели.
Мојата порака до народот
Време е за функционални и отворени институции во општината, градот и државата. Не смееме да дозволиме штетните политички одлуки на советот да продолжат и во иднина, бидејќи во таков случај, наскоро ќе немаме иднина. Потребни ни се основни услови за нормален живот. Ние , народот, не бараме луксуз, туку нормален живот. Не можеме да губиме веќе време во немо набљудување и мора да почнеме и самите да се бориме за подобар живот и иднина – нашата и на нашите поколенија.