(Видео) Талат Џафери е првиот Претседател со најмногу кривични пријави за пречекорување на службената положба

apasiev lihvobankarstvo

„Дојде денот кога во една траорна атмосфера би рекол, дебатираме за една пцовка, додека ни се спрема нов Преспански и ново предавство од страна на Владата. Ние дебатираме за пцовката на Талат Џафери. Знаејќи го, мислев дека кукавички ќе дезертира и овојпат, бидејќи првата интерпелација ја чуваше во фиока, втор пат не се појави на етичкиот кодекс, но ете претседателот Џафери собра храброст да се соочи со нас пратениците.

Јас наjмалку му земам за зло на преседателот за тоа што пцуе, меѓутоа кога ќе ме прашаат што толку ви смета кај Џафери, често знам да кажам дека претседателот Џафери е жива подвижна енциклопедија за екцеси и преседани и после него многу преседани ќе бидат отворени во раководењето со овој парламент.

Ќе почнам со една испровоцирана негова изјава, кога во неговата апологија кон фрлањето филџани кон колегите вели: „Ако пратениците си седеа на своите места немаше да има проблеми.” Почитуван претседателе, ако пратениците си седеа на своите места, ни Вие немаше да бидете претседател, бидејќи сите знаеме како сте избрани стоечки, со акламација како антички Македонски крал. И оттука, така ги бирале нашите кралеви, оттука е тоа вашето монархистичко понашање кога раководите со седниците.

Следното за кое што ви замеруваме е систематското гушење на парламентарната контрола. Собранието стана печатница на лоши владини закони, опозициските општи акти се чуваат во фиока, како нашата декларација која две години не може да дојде на дебата, интерпелациите на министрите се чуваат во фиока и не се процесирани. Па оди до таму што јавните функционери не доаѓаат на пратенички прашања. Значи, кога ќе ги викнеме ние ги поставуваме и одговараат пред нас, ни праќаат заменици, втор или трет ешалон и затоа вие вештачки го одржувате тој Жан Моне процес на апарати за дишење, за да имате широк простор за креативно екстензивно толкување, манипулации и алиби за сето она што го правите.

Тоа што ДУИ продаде во албанскиот електорат дека сте првиот Албанец претседател спикер, не е вистина. Вие не сте првиот Албанец престседател на Собранието. Па ги гледам сите, па и колегите ВМРО-ци бегаат од етнички теми. Јас не бегам од етнички теми. Кога ќе имаме граѓански Устав, можеме да зборуваме граѓански. Ние имаме етнотрибалистички Устав и не можеме да бегаме од етничките теми.

Не го заборавајте Неџат Аголи од Дебар, не го заборавајте Вулнет Старова кој што беше последниот претседател пред осамостојувањето. Но, вие сте првиот претседател, без оглед дали сте Албанец или Македонец, кој има најмногу кривични пријави за пречекорување на службена положба и овластување. Еве сега ќе ви ги наведам.

Прво, вие воведовте за разлика од космодиск демократијата на Иванов, вие воведовте скафандер демократија, односно вие не постапивте според здравствените прописи за време на епидемија. Сето тоа беше покриено со сегашната министерка Тренчевска, која тогаш беше во Инспекторат за труд. Па, таа ви направи записник кој што вие сте го проследиле до Обвинителство за да ве ослободат.

Следно, Вие не го употребивте единствено службениот јазик во Брисел, со што направивте повреда на угледот на Република Македонија, кое е казниво според член 178 од Кривичниот законик. Амандман 5 македонскиот јазик го предвидува како единствен во меѓународните односи, член 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик вели дека јазикот е духовно богатство од посебно културно – историско значење на Републиката и неговата употреба како службен јазик е право и должност на граѓаните на Репубиката. Вие тоа не го употребивте во Брисел, си отидовте како да сте на приватна посета, правејќи дипломатски скандал, при што се збунија луѓето кои не знаеа на кој јазик зборувате.

Следно, го шверцувавте Законот за државјанство со европско знаменце и оттогаш почна процесот на злоупотреба на службена положба. Како што му поништивте на колегата Снопче анкетна комисија, која е уставен институт – сето тоа ваше овластување требаше да го употребите и за сите закони кои што се шверцуваат со европско знаменце.

И на крајот, систематското несвикување пратенички прашања девет месеци континуирано. Од две години мандат на ова Собрание, девет месеци немаме пратенички прашања. Тоа е саботажа на работата на Собранието.

Следно, на кое ќе обрнам внимание е таксативно да ви набројам каде каприциозно и силеџиски се однесувате и ги охрабрувате вашите млади јастреби, како колегата Арбер Адеми, така да се однесуваат бидејќи гледаат пример.

Прво, фрлање амандмани во ѓубре. Во еден ден ви текна дека не примате повеќе амандмани со С.Македонија, иако пет месеци пред тоа сте примале.

Следно, објавувате закон без потпис од претседател со фуснота – што е преседан без преседан во досегашната историја.

Следно, не дозволувате расправа по закон кој го вратил претседателот по вето.

Следно, ние немаме одлука за постојани работни тела. 21 матично тело сè уште се на диво, затоа што секој собранички состав си носи таква одлука.

Потоа, повлекување амандмани од еден подносител. Дали сте свесни каков е овој преседан кој го воведовте? Поднеле амандмани десет колеги, а еден ги повлекува во нивно име. Дали знаете колку е тоа опасно? Како да поднесе сега СДС предлог-закон, сас да се приклучам и да речам се повлекува предлог-законот. Знаете колку е тоа опасен преседан?

Бојкот на власта воведовте за седница за недоверба на влада и го поништивте Уставот на ова. Тоа значи утре, кој и да е на власт, е власник е затоа што има мнозинство. Кога ќе се гласа доверба на влада, нема да дојде власта и нема никогаш да се гласа доверба на влада.

Понатаму, нè заклучивте во пленарната сала при гласање доверба. Тоа е дирекно узурпација на правото на говорот на пратениците, излеговте и ја заклучивте салата кога го киднапираа колегата.

Следно, поништивте седница на постојана анкетна комисија само за да не се зборува за тетовската болница, за Беса транс, за Дурмо турс.

Понатаму, во Собраниево вееме туѓи знамиња, со што не се почитува член 2 од Уставот на Република Македонија, кој вели дека суверенитетот е неделив, неотуѓлив и непренослив. Оттука само македонското знаме треба да стои тука, не знамето на НАТО, не знамето на ЕУ. Знамето на НАТО не стои дури ни во земјите-членки. Кажете ми пример 1 од 30 земји членки каде знамето на воена организација стои во граѓанска организација.

Силуваната двојазичност која го истиснува македонскиот јазик. Ние секогаш се плашиме од бугаризацијата на македонскиот јазик, но ова е провоцирана македонофобност која е синоним за окупациона власт која вие ја воведувате. А, тоа е дека го прекршувате член 3 став 2 од Деловникот, што многу пати сум ви укажувал на координација и тука. Вели „пратеник кој е избран или именуван функционер кој говори на јазик различен од македонскиот, а го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, материјалите навремено ги добива, односно ги доставува на неговиот јазик и писмо”. Значи, како што ви кажа и Венецијанската комисија, она што е право на пратениците не е и обврска на Собранието.”

*Говор на претседателот на Левица – Димитар Апасиев, во однос на интерпелацијата на спикерот Џафери.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

30 јуни, 2022

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ