ЈОВАНА МОЈСОСКА – НОСИТЕЛ НА ЛИСТА ВО ИЕ-5

JM

Јована Мојсоска, генерален секретар на Левица

Кратка биографија

Дипломирана на Факултет за безбедност и финансиска контрола, мојата младост ја одбележа активизмот. Почетоците на политичко делување ми беа изразени преку активистичко вклучување како дел од мрежа на организации за решавање на проблемот со бездомни животни. Понатаму, бев дел од студентски движења за подобрување на стандардот на студентите. Особено ја сакам работата на проектот „Млади во движење” за подигнување на свеста кај младите во средно образование за зачувување на природните богатства на планината Јабланица. Главната цел на проектот беше апел до надлежните институции за прогласување на планината Јабланица за национален парк. Активизмот подоцна премина во конкретен политички ангажман преку партијата Левица каде повеќе години работам како генерален секретар.

Мотив за активно влегување во политика

Мојата водилка во политичкото делување е дека не смее политиката, како клучен дел од организирањето на јавниот живот, да биде оставена во рацете на корумпираните, медиокритетите и алчните. Ако ние не се занимаваме со политика, тоа не значи дека и политиката не се занимава со нас. Сите проблеми кои директно влијаат врз квалитетот на нашиот живот, како што се: загадениот воздух, дивата сеча на шумите, сиромаштијата, невработеноста, руинираниот здравствен систем – сето ова е политичко прашање. Како активист за заштита на животната средина и бездомните животни, после извесен период сфатив дека вонинстуционалната борба е борба со ветерници. Сфатив дека активистите кои секојдневно се борат против општествените аномалии, треба да се внатре во институциите, а потпросечните и игнорантните треба да ги избркаме од институциите каде се креираат нашите животи.

Ја имав привилегијата да растам покрај Охридско езеро, како светска природна реткост и најстаро зачувано езеро во Европа. Иако коалиционите партнери на локално ниво се менуваа, се чини дека само узурпацијата и уништувањето на овој скапоцен македонски бисер беше континутет. Дивоградби, непланска урбанизација, експлоатација на водата за приватни хидроцентали, масовен помор на риби, несанкционирање на незаконскиот риболов – сето ова под закрила на ненаситните владејачки елити. Нашиот скапоцен и редок бисер го губеше својот сјај, а јас не можев да дозволам да бидам само нем, апатичен набљудувач. Природна реткост и убавина, која два милениума се создавала, не можеме да дозволиме да биде уништена од страна на мојата генерација! Чувствувам дека имаме одговорност, како кон жртвите на нашите предци, така и кон идните генерации. Одговорност – да оставиме подобар свет од оној кој сме го наследиле.  Секој од нас длабоко во себе ја носи должноста каков свет ќе остави за наредните генерации. Јас верувам дека секој поединец треба да го засади дрвото под чија сенка нема да седи.

Додека ние се бориме да спасиме некое бездомно животно или да ги спречиме бизнис-орките да изградат нова платформа во водите на Охридското Езеро, на другиот крај: се отвораат рудници на смртта; неуставно и криминално се менува уставно име на државата; се амнестираат и помируваат тендер-партиите; моќници заштитени од власта профитираат од загадување на воздухот, додека во септичните болници умираат 3000 граѓани годишно од загаден воздух. Токму поради тоа, одлучив дека само преку автентична партија на неискомпромитирани активисти може да се направи реална промена и да му се спротистави на едно труло општество, преку преземање на (моментално) узурпираните институции од стручни и совесни поединци, кои се грижат за општото добро.

Зелените проблеми се нуспојава на општествените односи, кои почиваат врз неограничената експлоатација на ресурсите преку пазарна анархија и дерегулација, а сè со цел што поголемо и непречено акумулирање профит на неколку поединци. Сведоци сме како најголемите загадувачи на воздухот, кои со години остваруваат милионски профит, се толерирани од партиите на капиталот, што не е изненадувачки ако се има предвид дека токму крупниот капитал или е најголем финансиер на партиите, или самиот е директен учесник во највисоките кругови на власта.

Најголемиот успех на пропагандната машинерија на „статус квото“ е убедувањето дека не треба обичниот граѓанин да се занимава со политика, иако историјата е доказ дека само низ организирана политичка борба предводена од авангардна партија, можно е да се роди новото, прогресивно општество врз неминовното распаѓање на старите, реакционерни сили.

Левичарски вредности во кои верувам

  • Еднаквост, социјална правда и непокор!
  • Ако се бориме, можеби ќе изгубиме. Но, ако не се бориме, борбата е веќе изгубена.
  • Да бидеме реални, да го бараме невозмножното! (Чегевара)

За што се залага Левица во Собранието и во иднина, од позиција на власт?

Еден значаен дел од заложбите на Левица, меѓу другите во „Програмата, 2024“, се поврзани со мојата најголема страст: зачувување на животната средина. Неколку од нив се во продолжение:

  1. Прогласување за национални богатства на водите, шумите, рудите и минералните ресурси и забрана за нивно издавање под концесија! Ова е по примерот на Словенија, држава која била дел од заедничката федерација и која успеа да биде прогласена за трета најзелена држава во Европа. Заштитата на водните ресурси во Словенија е уставна категорија каде се забранува приватизацијата на водата како природен ресурс и единствен кој стопанисува со водата е државата. Нашите ограничени ресурси мора рационално и одржливо да ги користиме, при што бенефитот од експлоатацијата на националните богатства мора да биде во интерес на населението, а не во интерес на богатењето на неколку поединци!;
  2. Целосна гасификација на сите јавни институции, индустријата и домаќинствата! Најголем удел во енормната загаденост на воздухот има користењето на фосилните горива, како и греењето на дрва. Македонија не смее поради геополитичко додворување и НАТО-вазалство да ги пропушта приликите за снабдување со евтини и еколошки енергенси. Левица се залага за мудро позиционирање во новиот мултиполарен свет и користење на сите можности за соработка во енергетската политика;
  3. Конечно донесување Закон за заштита на почвата и воведување параметри за максимална загаденост на почвата!;
  4. Изградба и опремување на пет модерни државни регионални депонии, т.е. центри за селекција, преработка, рециклирање и депонирање на селектираниот отпад по највисоките еколошки стандарди. Одговорност од градоначалниците на општините и на Град Скопје, кои би биле законски обврзани да ги затвораат и рекултивираат дивите депонии;
  5. Забрана за изведба на индустриски, градежни и други инвестициони проекти во национални паркови, освен во насока на плански развој на еко-туризмот, како и прогласување на Кожуф и Јакупица за национални паркови. Словенија го има препознаено значењето на заштитата на биодиверзитот и е трета европска држава со најголема површина на шума (преку 60%);
  6. Изградба на реверзибилна хидроелектрана во државна сопственост: „Чебрен и Галиште“ со цел искористување на огромниот хидропотенцијал на Црна Река, намалување на зависноста од фосилни горива и транзит кон зелена енергија;
  7. Доследна борба со урбанистичката мафија: целосна забрана за легализација на дивоградби; уривање на сите дивоградби и дополнително санкционирање на сторителот; законска забрана за приватни планерски куќи да изработуваат ДУП-ови и воведување обврска сите ДУП-ови да се предмет на јавни урбанистички конкурси.

 

Сето ова е докажано возможно, ако го видиме примерот на земји слични на нашата, но уредени многу подобро, поради совесноста на клучните луѓе на позиции. Дополнително, Левица смета дека во промените нужно мора да се интегрираат сите квалитетни луѓе, експерти во клучните области, во и вон државата. Левица е единствената партија, која е отворена кон сите кои сакаат и умеат да помогнат, без притоа да мора да бидат членови на партијата.

Порака до народот

Време е да го размонтираме статус квото. Негласањето e глас за негово одржување!

Твојот молк е нивна моќ. ГЛАСАЈ ЗА ЛЕВИЦА!

НЕПОДМИТЛИВИТЕ ВО СОБРАНИЕТО!

#НемаВладаБезЛевица

ЗАОКРУЖИ БРОЈ 5