Накратко би се опишала како аналитична и вредна работничка, одговорен граѓанин, човек кој континуирано работи на сопствените квалитети, со храброст и желба за ослободување на општината и општесвото во кое живееме од окупацијата на клептократски власти, кои скоро 30 години ни ги уништуваат условите за живот. Посветена сопруга и мајка.
Во Скопје живеам од мојата 4-годишна возраст, а сите поголеми животни борби и успеси ги имам водено и доживеано како жител на мојата општина Кисела Вода, каде живеам повеќе од 26 години.
Магистер сум на економски науки при Универзитет Св. „Кирил и Методиј“, Економски факултет – Скопје (завршени додипломски студии на иситот факултет). Како овластен внатрешен ревизор со меѓународно признат сертификат. тековно сум вработена како внатрешен ревизор во ЈП Национална радиодифузија.
Претходно работно искуство имам во ЈП Македонска радиотелевизија, како сметководител, проектант, стручен соработник, заменик на помошник генерален директор за заеднички функции. Како советник – внатрешен ревизор работев и во Центар за управување со кризи. Избрана за првенец на генерација во СОУ „Кочо Рацин“ – Ѓорче Петров. Шампион во бодибилдинг во 1989 година и рекреативен планинар до денес. Посветена на доживотно учење и поборник на овој концепт.
Мотивација за вклучување во политика
Во политика решив да се активирам поради неодговорното, несовесното, неотчетното, незаконското, па дури и неуставно работење како на локално, така и на централно ниво, од страна на најголем дел од учесниците во политиката. Штетните политики имаат директно и погубно влијание врз животот на обичниот граѓанин. Верувам дека како народ можеме многу подобро да го градиме општеството во кое живееме и сметам дека сите храбри и чесни луѓе се должни да се вклучат во борбата и обидот да ги спречиме и замениме лошите практики со корисни.
Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?
Сакам да бидам пример кој ќе покаже дека лицата избрани на јавни функции треба и можат да работат за интересите на граѓаните од кои се избрани, со највисока професионалност, одговорност и отчетност, затоа што всушност народот е нивниот работодавец. Сакам со домаќинско работење, општината да стане место во кое ќе сакаме да живееме ние и нашите деца, преку обезбедување на услови за квалитетен и исполнет живот, што вклучува решавање на низа постојни проблеми: креирање на паркови, наместо прекумерно градење на згради; одржување на чиста околина за живеење преку ефикасно справување со отпадот; креирање на услови за создавање на енергетски ефикасна општина; подобрување на инфраструктурата; вложување во децата и нивната иднина почнувајќи од училиштата и градинките па сѐ до општински клубови со активности за младите итн.
Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?
Левица ја избирам затоа што како левичар – патриот, се идентификувам со нејзината политичка Платформа, а особено со заложбите за социјална правда, одговорно практицирање на власта, антиимперијалзимот и против етно-шовинизмот. Член сум од 2017-та година и сметам дека е време сите кои веруваме дека мора да сме проактивни во делувањето, да пробаме и самите да придонесеме колку што можеме повеќе.
Мојата порака до народот
Во Левица препознав решителни и неуморни борци за подобар живот, еднаквост и солидарност. Сите оние кои сме решиле дека сакаме животот да го поминеме во Македонија, сме одговорни за иднината на нашата татковина. Затоа, не смееме да се откажуваме и да ја оставиме во рацете на неодговорни власти. Нивното оружје е апатијата и незаинтересираноста. Нашето е посилно – волјата на народот. Гласот не можат да ни го земат, затоа треба да го искористиме мудро и сега. Само заедно можеме да ги надгласаме и да ги почнеме промените кои ни се нужно потребни и од кои зависи иднината на Македонија.