ПРОГРАМА


Не очајувај. За тебе зборува оваа приказна.
Организирај се. Не потклекнувај! Приклучи се.
Најдобрите денови се оние кои сè уште не сме ги проживеале.

Кон една сеопшта еманципација на народот


Денешново време во кое живееме се карактеризира со нестабилност, кризи, голема невработеност и растечка социјална беда и несигурност. Ветувањата од транзицијата за подобар живот се покажаа лажни, па дури и проповедниците на приватизацијата од тоа време повеќе не веруваат во добробитта на овој политички систем со капиталистичко стопанство, иако упорно ги повторуваат истите излитени мантри во обид да го одбранат пред налетот на едно друго време – време на коренити и сеопфатни промени во општеството кон какви што стреми Левица. Веќе три децении општественото ткиво на државата е во континуирано гниење. На периферијата на капитализмот, Македонија соочена со предизвиците на глобализацијата во широки рајски прегратки примајќи го странскиот капитал во облик на „странски“ инвестиции, животот на работниците и нивните блиски го направи пекол!

Приватизацијата на стратешките ресурси, фаворизирањето на странските директни инвестиции во „оазата на евтината работна рака“, континуираното законско кратење и кршењето на работничките права, беа инструментите кои доведоа до општа економска беда каде ни се заканува социјална имплозија. Досегашната пракса на политичко организирање во Македонија јасно ни кажува дека сите партии се во служба на владејачкото малцинство (политичко и економско). Веднаш штом се дограбат до власта и институциите, тие магично забораваат на сите претходно напразно искажани ветувања и флоскули и во никој случај не се осмелуваат да ја прегризаат раката која ги храни – раката на крупниот капитал.

Во овој период, од осамостојувањето до денес, во т.н. процес на транзиција се случи криминална приватизација на општествениот капитал. Во овој процес на грабање на народниот имот од страна на политичките елити се изродија новопечените газди кои фабриките, одземени од народот, ги продадоа, расцепкаа, пропаднаа, банкротираа или ги намалија нивните капацитети, оставајќи многу работници без работа и без имот. Ваквата лоша приватизација предизвика низа негативни последици по многу стопански субјекти а преку тоа и девалвација во сите свери на општественото живеење.

Најголема штета на државата се направи со приватизацијата или распродажбата на делови од стопанскиот систем кои се од витално значење за стабилноста, просперитетот и силата на секоја држава. Како еклатантен пример за неосновано и непотребно криминално приватизирање и распродажба може да се посочат најпрофитабилните стопанските субјекти кои беа „кокошки што несеа златни јајца“, а кои вештачки беа прогласени за загубари, за потоа сите овие стопански субјекти да продолжат да функционираат и остваруваат огромни профити во кои државата нема никаков удел. Трагедијата да биде уште поголема, овие производствени капацитети беа распродадени на странски компании кои профитот го изнесуваа надвор од Македонија.

Ревитализацијата на државата во ваква незавидна состојба бара длабоки реформи, како во политичкото уредување, така и во сопственичката структура на определени стопански гранки и субјекти, со што ќе зајакнува улогата на државата во креирањето на развојните политики и распределбата на профитот, се во интерес на грѓаните и непосредните создавачи на вредноста – работниците и работничката класа.

Левица, како партија, во средиштето на својот интерес го има Човекот и неговите потреби, со доминантен акцент на работниците и земјоделците, како создавачи на севкупниот развој. Поради тоталниот распад на сите вредносни норми и несоздавање нови, партијата Левица се залага за изградба на општествено и државно уредување кое се темели на вредности со кои граѓаните, работниците и земјоделците, преку државата, ќе бидат креатори на сестраниот развој, економскиот просперитет и безбедноста, со воспоставување и градење на вредности втемелени на човечност, социјална правда, еднаквост, правдољубивост, лична слобода, чесност, искреност и трудољубивост. Сите овие делувања се со цел да се изгради држава каде централното место ќе го има човекот, како креатор и реализатор на општествениот развој, за подобрување на неговата општествена положба.

Главната и долгорочна цел на Левица е надминување на сегашниот неправеден социоекономски систем – капитализам и воспоставување социјализам како праведен, хуман, демократски, еманципаторен и еколошки одговорен систем, каде потребите на човекот се пред сè останато. Врз база на застапување на класниот интерес на работниците и со цел на нивно единство во заедничката борба, Левица остро се спротивставува на сите контра-политички поделби на работниците! Во оваа насока, Левица јасно и недвосмислено се поставува како надетничка партија која ги обединува припадниците на сите етникуми кои живеат во Република Македонија, во заедничката борба за општа еманципација.

Веруваме дека борбата за човечка еманципација не може да се затвори во границите на една држава. Затоа, наши природни сојузници се сите работници, обесправени, непривилегирани насекаде низ светот. Оттука, интернационализмот и анти-империјализмот се основна вредност на нашата Партија! Левица е партија на обичниот човек, на безгласното мнозинство, на потиснатите изблици на незадоволство од сегашните состојби. Левица е наша заедничка партија – Партија на трудот!


Социјална правда, работнички права и политичка економија


Социјалната правда, заедно со хуманизмот и солидарноста, претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Секоја власт има обврска тоа да го оживотвори во реалноста. Но, реалноста е целосно поинаква. Секоја власт досега ја разградува социјалната правда во Македонија. Левица застанува категорично на страната на социјално обесправените! Ќе се заложиме за воспоставување на функционален систем на социјална заштита, кој ќе ја достигне социјалната правда, преку гарантирање на минимум материјални средства и услови за достоинствен и квалитетен живот за секого во општеството, а не тоа да биде привилегија само на малкумина богаташи во државата.

Работничките права, правата на човекот-работник, во Македонија се безвредни! Работникот се третира како потрошна стока, неговото достоинство се гази, а неговите права постојано се намалуваат и кршат. Денес, во име на погубните неолибералистички економски реформи, како ште е фамозната „флексибилност на пазарот на труд“, работникот е обесправен преку секојдневно обезвреднување на неговиот труд. Ваквите реформи, наспроти тврдењата на естаблишментот, не носат никаков напредок – напротив, тие единствено само придонесуваат кон тоа класните разлики да се зголемуваат и јазот меѓу богатите и сиромашните од ден на ден да биде се поголем.

Македонската економија денес е машинерија која, покрај тоа што ја пие крвта на работницте и го влошува општото здравје на народот, преку нивното исцрпување при трката за профит, таа уште е и неефикасна и неефективна во искористување на расположливите ресурси – што, пак, директно влијае на квалитетот на живот на сите граѓани на Републиката. Коренот на проблемите лежи во главната движечка сила на која е фундирана оваа економија, а тоа е профитот и сиот оној пропратен негативен ефект по општеството, кој потоа низ процесот на капитал, се манифестира низ следниве проблеми: висока невработеност, сиромаштија и нееднаквост; низок, неодржлив и економски раст за мала група капиталисти; доминација на капиталот над трудот при распределбата на доходот; високи трговски дефицити, увоз на производи кои можат да се произведуваат и дома, извоз на производи по евтина цена; економска неразвиеност при висока профитабилност на банките; неразвиена инфраструктура, при мало учество на јавниот сектор во економијата; нефункционални и корумпирани јавни институции; неправедно финансирање на јавните добра и услуги, преку преголемо оптоварување на посиромашните…

За да се трасира патот до едно вакво општество потребни се коренити промени, како во практиката на стопанисувањето, така и во самата негова политичка философија која ги поставува фундаментите и целите на економијата. Трансформацијата во практиката на економската активност ќе подразбира дека државата е основен и најважен економски актер! Самата економија, со експанзијата на јавниот сектор, односно зголеменото и доминантно учество во економската дејност од страна на државата, ќе ја промени и нејзината чисто профитна ориентираност и тоа кон економија која, не само што ефикасно и ефективно ги искористува ресурсите, туку и добрата и услугите кои ги произведува ќе бидат рамномерно распределени и достапни за секого.

Во оваа насока клучни ќе бидат два вида на суштински, клучни и радикални реформи: првиот вид реформи, преку наменски и силно прогресивни даноци, ќе обезбедат финансиски средства за јавните расходи со кои ќе се поддржува (како квалитативната, така и квантитативната) експанзија на јавните добра и услуги. Тие ќе доведат и до егалитаризација, односно до намалување на разликите во имотот кои денеска постојат во огромен размер помеѓу класите.

Вториот вид реформи ќе биде насочен кон поефикасно користење на расположливите финансиски и материјални ресурси во економијата, преку стратешки плански капитални инвестиции во клучните сектори на економијата. Ќе се воведе строга регулација и рестриктивна политика во банкарскиот систем, со цел елиминирање на вишокот на ликвидност во овој сектор, сведување на минимум на профитните стапки во оваа активност, како и ослободување на граѓаните од должничкото ропство на глобално-корпоративистичкото лихво-банкарство! На ваков начин ќе се изгради економија која ќе ги користи расположливите ресурси ефикасно и ефективно, без притоа да ги експлоатира луѓето и без да ја уништува природата наоколу – економија која ќе им служи на луѓето, а не на капиталот!

Спроведувањето во практика на општеството на благосостојба и солидраност, воедно и заштитата и унапредувањето на работничките права бара создавање на силно работничко движење кое за разлика од синдикатите, кои единствено бараат милост од партиите кои се на власт, ќе цели кон политичка, институционална и парламентарна моќ на работниците, како централизиран и партиски организиран труст на работничкото движење. Синдикатите во оваа земја се киднапирани од професионални синдикалци, кои единствено ги штитат своите фотелји и своите интереси претставувајќи бизнис-интереси. Тие уште се и помошна алатка во политичко обезмоќување на работничкото движење. Затоа, ние упатуваме апел до припадниците на нашата класа, на работното население во Република Македонија, да го поддржат политичкото организирање на трудот!

Оттука, Левица е подготвена да го даде својот придонес во изградбата на тоа силно македонско работничко движење. На фронтот на работничката борба, со сите свои капацитети, стои Левица – единствената автентична партија што унапредувањето на трудот и остварувањето на политичките интереси на работниците ги има како свој апсолутен приоритет. Стоиме во отворен конфликт со интересите на капиталот и неолибералниот политички естаблишмент и ве повикуваме да се приклучите во таа борба, како рамноправни чинители на отпорот кон капитализмот и корпоративниот империјализам.


Демократизација на сите сфери на општественото живеење


Либералната демократија денес е само превез врз очите на работниците и сиромашните, проткаен од газдите и богаташите. Демократијата во капитализмот, при остра класна поделба, останува недостапна за сите. Таа е вредност само по нејзината форма, додека нејзината суштина останува неисполнета. Нејзиното практицирање и уживањето на нејзините придобивки е привилегија исклучиво на мал број богати луѓе кои имаат пари да си го дозволат тоа. Во оваа насока, Левица се залага воспоставување политички систем на управување кој интересите на народот ќе ги стави пред интересите на елитите! Се бориме за институции кои ќе бидат некорумпирани, праведни, одговорни, компетентни и блиски до народот. Левица, како надетничка партија, ќе работи на целосна деетницизација и десеграција на општеството.

Заради лесен пристап до правда и право на добар судија, Левица се залага за целосна департизација на судството и ослободување на пристапот кон него, преку драстично намалување на судските такси и трошоци и нивно сведување на симболичен износ. За жал, Република Македонија има најскапа и најбавна правда во Европа! Неефикасноста на судството се должи на доминацијата на една иста партија во сите три гранки на власта, како и на класните привилегии што ги имаат мала група некредибилни и лесно поткупливи судии – што ги поткопува темелите на републиканскиот облик на владеење и придонесува за тоа пристапот до правда од елементарно човеково право да стане привилегија само за богатите.

Правната инфлација која ни се случува преку носењето преголем број обемни, нереални и лоши закони директно ја поткопува правната сигурност на граѓаните. Огромниот број закони значат атак на слободата! Левица се залага за рационализација на правното нормирање и за носење мал број квалитетни и добри закони, кои би биле јасни, лесно читливи и лесно сфатливи за обичниот човек кој не е професионален правник, а и лесно остварливи во праксата. Сметаме дека судот не е само државна, туку и општествено-цивилизациска инстутуција која се грижи не само за спроведување на законот и остварување на позитивистичката правда, туку и за правичноста како легитимен материјален извор на правото.


Бесплатно образование за сите


Тргнувајќи од премисата дека образованието е најважниот постулат за едно здраво општество и согледувајќи ги досегашните резултати каде македонското образование потфрла во речиси сите сегменти, Левица е на цврст став дека нужна е темелна трансфоромација на македонското образование. Се залагаме за трансформација која тотално ќе ја искорени корпоративистичката логика од образованието, со постепено укинување на сите приватни установи во образовниот систем и воведување на еден и единствен централен систем на образовни институции, кои ќе бидат поврзани и ќе следат едни од други.

Левица се залага за бесплатно и инклузивно образование за сите! Образование кое ја отфрла доминантната бирократска компонента, а се концентрира на педагошката. Заедно со просветните работници да се изгради образование кое освен на стекувањето знаења ќе се концентрира и на развивање на алтруизам, солидарност, емпатија, другарство и слични особини, толку нужни за кохезивноста на едно современо општество.

Левица, како наднационална партија, ќе се залага македонскиот образовен систем, како една од клучните компоненти, да ја има и меѓуетничката интеграција, која постоечкиот систем ја руши и не ја развива. Тргнувајќи од се горенаведеното, Левица се залага за целосно државно бесплатно образование, отворено за сите – и за сиромашните и за поимотните – затоа што само така може да се мобилизира целосно интелектуалниот капацитет на едно општество!


Културна надобразба за праведно и инклузивно општество


Културата ја сметаме како еден од важните сегменти во човековото живеење, посебно во процесот на развивање на неговите вредности и идеали. Затоа, Левица се залага за отворена и еманципаторска културна политика каде државните културни центри и програми ќе бидат за широките народни слоеви и културната програма ќе биде бесплатна и отворена за сите!

Силна подршка за младите и талентирани уметници, кои ќе развиваат критички настроена уметност спрема општеството и со тоа ќе стимулираат и ќе допринесат во борбата за едно социјално поправедно општество. Стручна заштита на културното и историското наследство, толку запоставено последниве децении и отворање и достапност на тие историски вредности, како колективна придобивка за сите.


Спорт – отворен и достапен за сите


Спортот во Македонија е од исклучителен државен интерес и државата е должна да го поттикнува и помага. Левица ќе се залага за силно унапредување на постоечката и инвестирање во нова јавна спортска инфраструктура. Сите категории жители да имаат еднаков пристап до спортските центри, опрема и стручен кадар, што би значело спортот да е отворен и достапен за сите!

Со тоа, покрај професионалниот, ќе се стимулира развиток и на рекреативниот спорт, толку запоставен последниве години и ќе се подигне квалитетот на живеење, како и психофизичкото здравје на секој жител на Републиката. Целта е враќање на спортскиот дух на нацијата и стопирање на приватизацијата на спортските друштва, како и стимулирање на бесплатен државно спонзориран спорт, како човечка вредност, а не со цел остварување профит!


Бесплатно здравство како основно човеково право


Здравствениот систем во Македонија е пред колапс. Здравствените установи буквално се распаѓаат и имаме постојан одлив на квалитетен медицински кадар. Здравството е гранка од посебен државен и општествен интерес. Тоа не смее да му служи на пазарот, туку да биде насочено кон општото подобрување на здравјето на нацијата во целина. Здравството не смее да биде бизнис и извор на профит, оти тоа е основно човеково право. Затоа Левица ќе се залага за изедначување на приватните и државните здравствени установи, во насока на тоа услугите да бидат достапни за сите, а не само за тие кои можат да платат!

Мора да се зголемат вложувањата во квалитетна техничка и технолошка опременост и во квалитетен лекарски кадар. Кадар создаван според потребите на жителите – плански, а не кадар создаван според профитабилноста. Развој на квалитетни здравствени образовни институции, преку нивно поврзување и меѓусебна соработка.

Левица го акцентира превентивното и примарно здравство и медицината на трудот, со пружање силна здравствена заштита на работниците на работа и на ранливите категории на жители – бремени жени, деца, сиромашни и болните од тешки болести. Планско отварање на нови здравствени институции, според потребите на народот, од типот на диспанзери, нови здравствени заводи и центри за јавно здравје.

И на крај, соодветни плати за здравствените работници согласно нивниот вложен труд и ефектот од нивната работа, како стимулација квалитетниот медицински кадар да остане да живее и работи во државава.


Аграрна реформа – за пристоен живот на земјоделците


Во ситуација кога денес македонските села се девастирани и сиромаштијата на село е широко распостранета, нужни се коренити промени. Огромен дел од земјоделците немаат ни земја и работат само како наемници, а со тоа се ставени во слична ситуација со наемните работници. Стагнација, зголемен увоз, а субвенциите се делат по партиски клуч.

Земјоделието, заедно со енергетиката, Левица ги гледа како стратешки важна гранка на оваа држава. Способноста една држава сама да ги задоволува сопствените потреби за храна и енергија е клучна за независнота и сувереноста и отпорот према политички притисок однадвор. Затоа е нужно растурање на увозничкиот круг кој го имаме и стимулација на домашно органско производство.

Долгорочната цел на Левица во земјоделието е домашно кооперативно производство со наши автохтони култури, сорти и семиња. Домашна еколошки чиста и здрава храна лесно достапна на жителите на Македонија! Силна контрола на квалитетот. Развивање на јавни системи за наводнување. Активно вклучување на научниот потенцијал кој го имаме во процесот на аграрно производство. Бескомпромисност во развивање на земјоделие во интерес на обичниот ситен земјоделец.


Еколошки еманципирано и енергетски ефикасно општество


Денес е сè поочигледно дека пазарното општество не се справува со еколошките предизвици и аерозагадувањето. Напротив, пазарната трка кон дното генерира биолошка девастација. Македонија е типичен пример каде со давањето на депониите под концесија, со приватизирањето на фабриките, најавите за отвoрање на нови рудници во еколошки чисти средини и сличните штетни и коруптивни постапки, се загрозува животната средина.

Левица се залага за градење на општество со висока еколошка свест. Оттаму, нашата партија се залага за градење на општествено одржлив развој, кој пред се’ ги задоволува природните потреби на населението, но истовремено го намалува уништувањето на животната средина. Долгорочната политика на Левица цели кон тотална енергетска ефикасност и независност, преку одржливи, чисти и обновливи извори на енергија: еколошки транспорт, електификација на железницата, трамваи и тролејбуси, и велосипедизмот како алтернатива на приватниот превоз.

Другите конкретни мерки во оваа важна сфера подразбираат: забрана за пренаменувањето на плодно земјиште во градежно, стопирање на сечата на урбаното зеленило и неконтролираната коруптивна урбанизација. Најстрога забрана за градење хотели во еколошки заштитетни средини. Против давање под концесија на шуми, езера, национални паркови, реки, води и рудни богатства! Нула толеранција на загадувањето на воздухот, водата и почвата. Здрава животна средина за здрави луѓе – за сегашните и за идните генерации.


Надворешна политика – интернационализам и антиимперијализам


Во денешно време, како на глобално така и на регионално ниво, кога имаме избливи на конфликти и закани за војна, Македонија како мала држава не може многу да направи за спречување на истите. Но, најмалку што може е да го сочува достоинството на својот народ како мирољубив и праведен. Меѓународната политика која се води од елитистичките и марионетски претставници на власта денеска е една безочна и беспринципиелна активност, каде владее правото на посилниот. Покровители на ваквата вазалска политика се империјалистичките држави и нивните сојузници, за што еклатантен пример се САД и НАТО. Овие структури ја имаат изгубено врската со вредностите и интересите на народите кои ги претставуваат, па нивните дипломатски активности се потчинети на бирократите од меѓународната империјалистичка фела, а надворешната политика им е водена од тесни корпоративни интереси, целосно лишена од праведност и етика.

Левица е експлицитно против зачленување на Македонија во НАТО пактот и се залага за негово расформирање! Од друга страна, Левица ги поддржува европските аспирации на Македонија, но не по секоја цена. Ако европските аспирации значат уште подив и неконтролиран пазар и приватизации, што би значело уште поголемо осиромашување на македонскиот работник и негово третирање како модерен роб, тогаш Левица е против таквите процеси. Веруваме дека е можно изградба на една видоизменета ЕУ – слободна, инклузивна заедница која се залага за социјална правда на целата нејзина територија и која не ја поддржува моменталната економска и политичка поделба на „центар“ и „периферија“, каде периферијата (во која и ние се наоѓаме) е економски искористувана само како пазар, евтина работна сила и депонија на богатите држави од централна и западна Европа.

На меѓународен план, Левица се води од принципите на антиимперијализмот и работничката солидарност. Левица ќе соработува со сите леви и прогресивни сили од светот, а посебно тука во регионот на Балканот. Во таа насока ќе тежнееме кон решавање на проблемите со соседите врз база на взаемна почит, но никако нема да прифатиме наметнување на туѓи негаторски агенди и платформи!

Околу круцијалното прашање за името и националниот идентитет, Левица тргнувајќи од општоприфатениот цивилизациски принцип на самоопределување на народите е на став дека само и исклучиво народот може да си го одбере името и никој не може и не смее да решава наместо него. Согласно ова, Левица не го признава октроираниот т.н. Преспански договор и уставните измени произлезени од него ги смета за илегални и ќе работи на нивно поништување.