Мотивација за вклучување во политика
Главна мотивација за вклучување во политика беше мојата одлука и подготвеност како млад човек да бидам дел од решението, а не од проблемот. Сакам својата иднина да ја гледам тука, во сопствената земја, своја на своето. Не сакам да бидам принудена да бегам поради корумпираниот систем и штетните политики кои се водат со децении, како што се случува со многу млади луѓе и затоа решив дека мора и самата да се вклучам во борбата. Промените можеме да ги оствариме само преку менување на политичкиот дискурс, замена на штетените и корумпирани политичари со квалитетни и чесни луѓе без криминален багаж, кои имаат знаење и желба да го ресетираат системот. Сметам дека е дојдено време за отстранување на суровото капиталистичко општествено уредување што ја одзеде живоста и насмевката на нашиот некогаш весел и благороден македонски народ.
Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?
Сакам заедно со Левица и моите сограѓани да го вратиме стариот дух на Центар, но во ново, во модерно руво. Она за што ќе работам напорно да го променам е тоа секој кој нанел и најмала штета и сторил криминал да биде казнет, а секој што бил оштетен да биде обештетен. Сакам праведно и хумано опкружување во кое сите ќе се чувствуваме еднакви. Време е народот да види што се случува во општинските совети и како се носат одлуки зад затворени врати. Ќе се борам секоја активност на советот да биде јавно достапна, да ги вклучува граѓаните во одлучувањето за да ги запреме погрешните одлуки кои ни го уништуваат местото на живеење, претворајќи го во место од кое сакаме да побегнеме.
Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?
Сите мои лични идеали и ставови добија конкретен лик со формирањето на политичката партија Левица. Модерната македонска држава е формирана од левичар, на темели на левичарска идеологија и најдобро функционирала токму во тој левичарски дух. Левица се залага за солидарност, еднаквост, соработка, надминување на етничкото и обединување под една заедничка Република. Сметам дека тоа се здрави принципи на кои можеме да градиме здраво општество.
Мојата порака до народот
Многу е важно како народ да излеземе од матрицата “сите се исти“ и во ниту еден случај не смееме да се помириме со верувањето дека ваков живот во срушен систем е нормален, дека е нормално јавните функционери кои ги плаќаме од народни пари да крадат, дека е нормално децата да учат во срушени и мувлосани училишта, дека е нормално да немаме услови за лекување без во нечистите болници да се разболиме од нешто друго, дека е нормално автомобилите да си ги кршиме по неасфалтирани улици, дека е нормално со часови да чекаме во сообраќаен метеж, дека е нормално да се гушиме од воздухот и да умираме од болести од загадување. Ништо од ова не е нормално и мораме да се трудиме да го промениме. Сакам сите заедно да сфатиме дека политичарите постојат за да му служат на народот, а не обратно. Народот не смее да ја занемарува моќта што ја поседува, моќта за промена, моќта за одлучување на избори. Сега, со Левица имаме избор и можност заедно да го спасиме Центар и да го направиме место за живеење какво што заслужуваме.