„Власта заеднички да донесе законски измени за платено породилно отсуство на жените – земјоделки“, апелираше денес пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, за време на денешната Јавна расправа за родова инклузија на руралната жена.
За состојбата во руралните средини говори фактот дека дури 62% од населените места во Македонија имаат помалку од 100 жители – што кажува дека не денес, туку вчера, требаше да се започне со системско решавање за депопулацијата во руралните средини.
Претходната влада, за жал, не го стави на пленарна седница нашиот Предлог – закон за платено породилно отсуство на жените – земјоделки. Наместо тоа, се донесе импровизирано решение од Програма за социјална поддршка, која ја донесува Министерството за земјоделие.
Во 2023 година, само 2 жени – земјоделки поднеле барање за остварување на правото на породилно отсуство и тие 2 барања НЕ биле разгледани до моментот на вршење на ревизијата. Тоа, исто, укажува дека условите за користење на поддршка од Програмата се дискриминаторски. Јас сметам дека правото на платено породилно отсуство е ЗАКОНСКА материја и тоа не смее да зависи од дискреционото право на некој министер да донесе програма.
Јас апелирам и се надевам дека нема да заврши уште еден мандат без жените – земјоделки да добијат законско решение за платено породилно отсуство, а Левица е подготвена повторно да поднесе предлог – закон, со апел – актуелната власт да го поддржи!