Измената на законот за јавни патишта претставува круцијален анти-кризен закон кој владата пропушти да го вметне во претходниот пакет мерки за олеснување на ефектите од економската криза. Со оваа измена се предвидува намалување на цените на патарините за 50 отсто.
Во јавноста јасно е негодувањето кон сега превисоките цени за патарина кај населението, затоа имаме слух за гласот на народот и се обидуваме да ја префрлиме народната воља во законодавниот дом.
Патарините треба да бидат соодветни на социјалниот стандард на граѓаните и нивната економска моќ. Власта треба да ги земе за пример веќе изготвените, применетите и функционални решенија од државите во Европа.
Нашето население предничи во издвојувањето на средства за користење на јавните патишта поради надоместокот за наплата на патарините не само во пропорционален однос со степенот на доход туку и во висината на самата цена.
Прашањата кои одржливиот развој на патиштата треба да ги одговори се однесуваат и на географската фрагментација и социјалната екслузија на работни можности при услови кои налагаат на работниците на дневно ниво да патуваат од периферијата на државата кон главниот град.
Така, на годишно ниво за делница од 75 киломентри на човек од Штип потребни му се 1 250 евра, од Куманово 800 евра за 40 километри, од Велес речиси 1 000 евра за 50 киломентри, од Тетово 650 евра за 42 километри, од Гостивар 1 100 евра за 65 километри. За истото време од година дена, граѓаните на Унгарија плаќаат 146 евра, на Австрија 109 евра и во Бугарија за 60 евра. Евидентно е дека ние ги ограбуваме сопствените граѓани кои пак ограбени за возраст добиваат и лоши услови и квалитет на патиштата.
Ако земеме плата од околу 400 евра месечно, тоа ни укажува дека нашите граѓани од внатрешноста на државата годишно трошат дури 3 цели месечни плати за да го покријат трошокот од патарините кој мора да го подмират поради работните можности кои се концентрирани во главниот град.
Групата која е негативно засегната од намалувањето на надоместокот за патарините се пратениците кои во овој модел од државата извлекуваат висок надоместок за нивните „патни трошоци“.
Со сегашната законска регулатива Владата има право да ја определува висината на патарините. Затоа потребно е ново законско решение со кое ќе се одземе правото на Владата да одлучува за начинот на наплатата и определувањето на висината на патарините во државата и да се префрли на Собранието, со што тоа би станало materia legis (законска материја), наместо под-законска материја, како сега.