Излагање на советничката од Левица, Катерина Јовановска, по однос на вработувањето во јавните претпријатија, каде работниците се оставаат без осигурување, стаж и се лишени од правата загарантирани со ЗРО:
„Изминативе месеци сме сведоци дека Скопје се гуши во смет и во ѓубре. Лично не го паметам Скопје дека некогаш било ,попрљаво’ како што е во изминативе месеци.
Оваа програма која се гласа во декември, се надеваме дека ќе се изгласа денес, девет месеци покасно. Но, изгласувањето на програмата дека ќе го реши проблемот е невозможно.
Вториот проблем којшто е суштински и за него јас и моите колеги алармираме три години од оваа говорница е сезонското вработување на работници во Комунална хигиена. Овие работници се вработуваат од 1 септември до 31 декември, ќе земаат 25 илјади плата и персонален данок. Немаат стаж, немаат засновано работен однос, немаат никакви бенeфиции, кои им следуваат со закон за работни односи.
Што ќе се случи по овие три месеца? Повторно треба да чекаат некоја советничка група, некои политички лидери да гласаат за програмата? Суштинските проблеми, стожерот на јавните претпријатија, РАБОТНИЦИТЕ, оставате да зависат од волјата на поединци! Цело време, како работничка партија, апeлираме сите работници да склучат работен однос на неопределено работно време.“