Пратениците од Левица во Парламентот ќе се залагаат за решавање на проблемите што се најгорливи во Делчево – истакна денес пратеникот и Носител на листа од ИЕ3, Борислав Крмов.
,,Денес сум помеѓу народот во Делчево.
Инфраструктурните проекти за Делчево се приоритет за граѓаните, но и за нас, и како пратеници, и како политичка партија. Практично, во Програмата на Левица предвидуваме развој на инфраструктурата воопшто”.
Според Крмов, за Делчево приоритетен е регионалниот (брз) пат од Делчево преку Бигла-Калиманци до Кочани.
,,Во Делчево, обиколницата не е направена, а тоа е многу битно, за да нема гужви во градскиот сообраќај. Значи, сите коишто патуваат за Бугарија, да не мора да влегуваат во Делчево”.
Друг приоритет на Левица, произлезен од потребите на граѓаните е поврзување на село Разловци до село Митрашинци.
,,33 години веќе ги лажат дека патот од село Разловци до село Митрашинци ќе се направи и не е направен. Затоа, Левица ќе се залага и за овој инфраструктирен проект”.
Еден од најголемите проблеми во Делчево е иселувањето, за што Левица со соодветни мерки и проекти се залага за задржување на младите и за економски развој, а базично – за радикална промена на системот и бројни антикорупциски мерки во сите сегменти на општественото живеење.
Крмов се осврна и на развојот на туризмот преку рестартирање на Одморалиштето на планината Голак.
,,Во Делчево има едно прекрасно детско одморалиште на планината Голак, коешто е намерно оставено да пропаѓа. Не може партиите коишто го имаат доведено Делчево до оваа ситуација, сега одеднаш да нудат решение. Тие се проблемот, тие ги имаат направено проблемите. Левица нуди решенија. Порадо тоа, јас сум сигурен дека делчевчани ја препознаваат Левица како единствена опција”.