МЕГАИНТЕРВЈУ НА АПАСИЕВ ЗА ПОРТАЛОТ ИНТЕРВЈУ: Вистинскиот Апасиев е јакобинец и заебан играч со келеш-тефтер кој, на долг рок, ќе им ја земе мерката на сите душмани на Македонија!

1 apasiev-1024x710

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

– Левица пред седум години и Левица денес? Политички феномен, плод на макотрпна работа, или нормален след на околностите во време кога двата „главни“ политички  мастодонти се соочуваат со реална криза на идеолошки идентитет и свежа политичка  понуда до граѓаните?

Подемот на Левица ќе биде забележан во историјата како резултат на конвергенција на континентални, регионални и национални политичко-општествени процеси. Во последните 20 години низ Европа се случува неизбежен процес на замена на неолибералната социјалдемократија со нова анти-капиталистичка левица, процес кој крахирањето на финансискиот капитал во 2008 година го катализираше, за во земји од југот, југоистокот на Европа и во Франција, потполно да се смени рамнотежата во левиот политички блок. Сега веќе, следејќи ја кризата создадена од предаторското справување со пандемијата и најновите геополитички превирања во поглед на кризата на западнизмот и создавањето на новиот мултиполарен свет, кога станува јасно дека капитализмот не може да се справи со предизвиците и противречностите кои произлегуваат од овие нови светски прилики, многу веројатно е дека влегуваме во ерата на социјализмот, како најхумана и цивилизациски најнапредна општествено-политичка формација.

Во 1990-те, кога империјалистичките интереси се фокусираат на земјите од Источниот блок и поранешните југословенски држави, колективниот Запад создава свои протекторати кои не ќе можат да ги исполнуваат функциите на својата сувереност и да се заштитат од потполна експлоатација на нивните ресурси. Во нашиот случај, целосниот грабеж на општествените капацитети, паралелно ги создава политичката, правосудната и бизнис елитата. Рамнотежата помеѓу големите партии во раниот „плурализам“ е пречката која три децении не можеме да ја надминеме. Буржоаските партии како СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ припаѓаат на најкорумпираниот слој на милионери и анти-социјални штетници кои постојано нѐ водат од криза во криза, додека душмански ја ограбуваат Републиката! Причините за сето деградирање на човековото достоинство се во секој аспект на политичкиот, економскиот и општествениот живот.

Заболениот политички систем и овој растроен, криминоген и кратковиден начин на владеење и функционирање, бескраен во деструктивноста, сувереноста на народот изразена преку институциите, ја трансформира во пропаднат државен апарат кој не може да ги заштити столбовите на својата сувереност. Во тој аспект, во Левица е изразена дијалектичката спротивност во овој политички модел. И под притисок на блиски процеси и оние кои не зависат од нашите државни превирања, тенденцијата за раст на политичкото јадро кое ние го избравме е природна. Успехот на Левица е предвесник и на далекусежни регионални импликации, за можност за ново време на регионална стабилност во која интересите на потлачените балкански народи нема да бидат условени од империјалистичките сили кои ги подјармуваат.

2 apasiev 1024x710 1

– Големиот Његош во својот Горски венец напиша:„Бој не бие светло оружје, туку бие срцето во јунаците“.Дали е ова геслото што и го овозможи на Левица тој квантен скок од срамежливи три, до денешните 43 локални ограноци низ Македонија, последниот е чинам Ресен?

Состојбата на терен која ја забележуваме е охрабрувачка и динамична. Мрежата од локални ограноци на Левица е во постојан раст и веќе географската покриеност на државата ја става на трето место по локални канцеларии и ограноци помеѓу политичките партии – веднаш зад ДПМНЕ и СДС. Ширењето на Партијата низ Република Македонија и симболичното боење во црвена боја, општина по општина, укажува на здрава и правилна кауза која народот безрезервно ја прифаќа, бидејќи таа извира непосредно од него: од народот и за народот. Левица е единствена партија која не им припаѓа на милионерите и единствен институционален субјект кој ја артикулира народната волја, која другите партии се срамат или се плашат да ја изговорат, затоа што се седнати во скутот на стрнските амбасади кои ги знаат сите нивни матни бизниси и испрани црни пари.

Овој состав на партиските раководни органи на Левица се легитимира низ оваа успешност и укрупнување на целата структура. А храброста е во отсуството на стравот, а не во големите мускули. Нашата храброст, пркос и борбеност доаѓа токму од неподмитливоста и искреноста со која влегуваме во политичката валкана игра и оваа сила која граби напред, како некаква општествена инерција, не може да се запре. Таа стреми кон обединување на целата работничка класа и на целата нација.

Теренското и локално присуство очекуваме да се зголемува со забрзано темпо оваа година, во виорот на промената која се наговестува, додека следните парламентарни избори кај народот будат природна можност за долгоочекуваната „одмазда“ за сето она што народот долго време им го собира на властодршциве. Тоа нужно подразбира и наклонетост кон мобилизирање во правилната политичка опција и конечно сопирање на овој срамен башибозук и на ова своеволно владеење на мафијашите и предавниците од ДУИ и СДСМ.

– Колку сте информирани за состојбите во локалните совети на општините,  задоволни ли сте од работата на совегниците на Левица и нивниот ангажман во советите ?

Присуството на Левица во институциите, независно од нивото на власт, е емпириска „девијација“ во однос на дотогашниот начин на корумпирано функционирање на работите. Ние, каде и да се појавиме, во која било институција сме „баба-роги“ за облегнатите чиновници кои сакаат да го задржат угодното статус-кво. Освен политичката артикулација и борба против локалниот политички криминал и урбаната мафија, досега незабележаниот пораст на број на советници на една партија како во нашиот случај (кој надмина 50-на на последните локални избори), многу брзо ја менува и политичката култура како макропроцес.

Одеднаш, во функција на народни преставници во голем број општини низ Македонија имаме советници кои немаат никакви врски со бизнис-шемите на големите партии, кои служат за осиромашување на локалните единици и за испумпување пари од јавните буџети. Советниците на ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и целиот циркус на партии кој осцилира околу нив, низ годините ги пополнија советите со безгласни претставници кои гласаат исклучиво по директиви и кои никој во градот не ги познава, оти се тотални анонимуси. За разлика од нив, нашите советници, ослободени од бремето на должничко-доверителските односи, постапуваат правилно и во интерес на нивните сожители. Од нив се очекува да ги согледаат и критикуваат работите низ призма на обичните луѓе кои зависат од одлуките кои ги носи конкретниот совет. И знаете што – само по една година од влегувањето на Левица во советите, транспарентноста се зголеми до невидени размери – односно, сите совети, по наше инсистирање, почнаа да ги емитуваат своите седници во живо. И, за прв пат во независноста, сега имате ситуации каде сограѓаните си ги знаат сопствените советници и ги препознаваат на улица, им се обраќаат за решение на секојдневните комунални проблеми.

Затоа, кога станува збор за локалната политика, можеме слободно периодот од 1996 година до 2021 година да го окарактеризираме како завршен и надминат, бидејќи почнувајќи од минатите избори веќе ништо нема да биде исто и забрзано ќе се менува како што расте Левица.

Секако, чуварите на гнилиот систем, големата тројка на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ беспоштедно ги користи сите расположливи средства да продолжат бизнис зделките на нивните функционери и ортаци, иако таму каде што има наши советници таа подла игра со населението веќе не е можна како што досега им одела, мазно и подмачкано.

– Двајца пратеници во македонското Собрание, педесеттина советници во општинските совети, со државно финансирање во кое партии како ГРОМ и ЛДП имаат подобра пол-позиција од вас – дополнителна бариера или само нов мотив, да се истрае до крајната цел?

3 apasiev 1024x710 1

Не постои политички систем во Европа кој има повеќе правни и бирократски сплетки кои го онемозвожуваат политичкото асоцирање и непосредно или посредно изразување на волјата на граѓаните, низ разни лавиринти кои најпосле водат до лажен плурализам и широк дијапазон на карикатурални пајтон-партии, откако ќе се истисне можноста за непречено и рамноправно учество во политичката борба за репрезентација.

Целосниот ремонт на системот е навистина единственото решение. Не можеме да бараме други одговори кога оние очигледните се веќе јасни!Една изборна единица е она од што нема откажување и кое, кога-тогаш, ќе го добиеме. Затоа не може да биде бариера ниту дополнителен мотив, бидејќи проблемот се содржи во оние кои располагаат со државниот апарат и кои стојат зад саботажата на демократизацијата на процесот на одлучување.Левица има правилни луѓе и ги презема правилните чекори, независно од поединечните елементи на нивното бирократско и мафијашко чудовиште кои се впрегнуваат против нас – вклучително и националните телевизии, невладиниот сектор на Сороспиите и други слични општествени штеточини.

– Почнавте ли да пиете кафе со амбасадорите, впечатокот е дека без кафе седенки по амбасадите од Кале до Водно, тешко се доаѓа до позиција да се биде дел или да се практицира власт во Македонија?

4 apasiev 1024x710 1

Па, впечатокот е грешен. На избори не гласаат амбасадорите, туку народот. Амбасадите само го валоризираат она што е реалност – кој го владее теренот, тој им е релевантен соговорник. Така било отсекогаш. Уште од комитско и партизанско. Сетете се само дека американците мораа да преговараат со Санданистите, за да ја ослободат Мис Стоун. Или Британците, кои мораа да го откачат нивниот пулен Дража Михајловиќ, за да преговараат со Тито, оти тој ја имаше народната поддршка во НОБ. Така што, доколку народот ни ја даде довербата, странците ќе мора да преговараат со Левица. Но, дотогаш тие си ги имаат своите поданички вазали олицетворени во СДС и ДПМНЕ, и своите „кучиња на војната“ олицетворени во терористичко-мафијашката групација ДУИ и со нив си го прават својот маскенбал. Ние тука нема што да бараме и да пиеме кафиња, оти сме генерација политичари од друг ков. Не сме иста крвна група со корумпираните од ДУИ, предавниците од СДС и фолирантите од ДПМНЕ.

Домашните политичари се збирштина кратковидни кримоси кои позициите на моќ ги освојуваат и задржуваат со удоволување на странскиот фактор. Нивната сервилност е апсолутна во потценување на мекедонскиот народ и неговото природно право да опстојува и да просперира. Еден поранешен кинески премиер ќе каже: „Преживувањето на својот народ е првата одговорност на секој лидер! Подоцна борбата може да продолжи под подобри услови“. Но, ние гледаме дека токму егзистенцијата на македонскиот народ е доведена во прашање, токму од страна на нашите марионетски квазилидери кои се плашат да се спротивстават на повампирениот бугарски фашизам и неоврховизам и на великоалбанскиот шовинизам и сецесионизам.

Во меѓувреме, дипломатијата е потполно во рацете на анти-државните и иредентистички кадри на УЧК, кои станаа познати по поголемата преданост и агитација во името на т.н. држава Косово, отколку за македонските национални интереси.

Во комбинација, јасно е зошто се случува вмешување на странските интереси кои задираат и противречат на нашите. При ревитализација на македонска дипломатија која може да ја предизвикасамо Левица, во услови на неуценет државен врв може повторно да се разговара рамноправно и во насока на взаемна соработка со јасно дефинирани македонски национални црвени линии.

– АСНОМска Македонија – идеал што го загубивме, наспроти една погазена, разграбана и  обезличена Македонија што ја живееме ? Се претвори ли Македонија во село без кучиња?

5 apasiev 1024x710 1

Самобитноста на македонскиот народ и единствениот пат кој на македонскиот народ му овозможил да ја избира својата судбина и да се грижи за своите позиции е оној кој го поставиле нашите предци, преку партизанското движење во Народноослободителната борба, оние кои победиле над фашистичките ѕверски сили и со АСНОМ засекогаш го избориле своето место во меѓународната заедница на рамноправни и цивилизирани народи. Мораме да разбереме дека идеите на АСНОМ и на НОБ се напредни идеи, наспроти уназадувачките идеи на балканските национални квислиншки буржоазии кои најпосле станале и колаборатори на нацистичките окупаторски сили. Во историското подудирање на овие спротивности, нам нашето време ни определи повторна борба со силите од пред разврската на Втората светска војна (врховистите и балистите).

Но, АСНОМ е последниот удар и кулминација на идеја која временски долго претходи и која живеела низ селаните и работниците на оваа земја и нација чиј столб го поставија, затоа таа не може да замре. Таа феноменолошки ја сочинува македонската нација и веќе има постојана противречност со истите спротивни идеи – на големодржавни апетити на соседните буржоазии кои се угледуваат на своите западни патрони кои секогаш припаѓаат на фашистичката идеолошка матрица. Од таму произлегува и славењето на ликови како Иван Михајлов, Цар Борис и Џемо Хаса, укажувајќи ја вистината за состојбата со која се соочуваме.

Република Македонија е заробена од своите историски непријатели, во истото руво и со истите цели за неуморна експлоатација на нашите полиња, реки, руди и луѓе и обезличување на структурите и обележјата на нашата култура, посебност и нација. Во оваа позната борба јасни се и формите на отпор и идеолошка поставеност кои ќе не одведат до посакуваната политичка разврска и целосно ослободување. Имано, како што левичари го направија АСНОМ, така само левичари можат да не избават од оваа калакурница во која ни ја престорија Републиката.

– Податоците говорат дека Левица има најдобар „помин“ кај младата популација, во распон од оние кои гласачкото право го реализираат по прв пат па сè до гласачи во раните четириесети години. Се создава ли таа критична маса на гласачи кои ќе ја променат залоената слика на политичка Македонија денес?

Јасно е дека кај младите гласачи одамна е отпадната опцијата СДС или ДПМНЕ, и ние сме доказ дека младите луѓе во државата воопшто не се политички апатични илинезаинтересирани, туку активни и артикулирани низ нашата структура и преку политичка поддршка. Распонот кој го опишувате е оној на децата на транзицијата и осиромашувањето кое уште трае, затоа и неизбежно ја сочинуваат критичната маса на потенцијалот за политичка промена во ова време. Лесно е и да се увиди дека Платформата на Левица и сите ставови во континуитет се сплотени со интересите на оваа демографска група, бидејќи во голем дел на неа и припаѓаме, за разлика од отуѓените милионери од елитата на Се-Де-Се-Ме, ДПМНЕ и ДУИ. Преку Левица тие промени се наговестуваат и еланот со кој ќе се донесат ќе ги отклучи можностите за еден нов и солидарен политички систем.

Како што изминува времето, државничкиот капацитет кој го покажува Левица се однесува на сите жители, затоа и она кое допрва може да се изгуби нема да се предаде, за достоинство и стабилност за постарите луѓе кои долго сведочат за уназадувањето на нашата татковина. Денеска, во нашата структура и низ нашите политички заложби претставени се сите слоеви на населението, па и приклонетоста кон нашата политичка опција кај сите возрасти е евидентна.

–  Како еден професор по Римско право на Правниот факултет на УГД во Штип ја дефинира ситуацијата во која се наоѓа македонското општество денес?

Како триумвират, односно поделба на пленот помеѓу тројката СДС + ДПМНЕ + ДУИ. Но, зезнатото е што секогаш после триумвирите, во стариот Рим следувала граѓанска војна.

– Има ли спас и правда за македонската правда ? Вака како што е, тешко дека ќе го опоравиме „Болниот крај Вардарот“ и дека од Македонија ќе направиме место во кое пристојно се живее.

Има. Но, со радикални реформи, а не со благи козметички модерации. Потребно е: да го укинеме трајниот мандат на судиите, да ја вратиме нивната кривично-правна одговорност за непримена на законите како што било во СФРЈ, да воведеме построги критериуми за избор на судии, да го осовремениме процесното право, да ја воведеме правичноста како извор на правото, да го кодифицираме приватното право, да воведеме специјализирани судови, да ги укинеме сите парасудски второстепени државни комисии, да воведеме максимални рокови за судење, да ги намалиме судските трошоци, да донесеме антинепостистички закони во правосудната сфера, да ги отпуштиме сите судии поради кои Р. Македонија изгубила случај пред Судот во Стразбур итн. Значи, методи има – само треба паметни дечки од Левица да дојдат на власт и да ги спроведат!

6 apasiev 1024x710 1

– За вмровците сте „шарена соросоид“ кој напаѓаше државни институции, за сдсмовците „параноиченфашист“ кој го држи Мицкоски врзан за радијаторот. Кој е всушност вистинскиот Димитар Апасиев?

Вистинскиот Апасиев е јакобинец и заебан играч со келеш-тефтер кој, на долг рок, ќе им ја земе мерката на сите душмани на Македонија!

– Двајца пратеници во парламентот, партиски рејтинг кој единствено расте, година дена до наредните парламентарни избори… која е проекцијата на бројот на црвени столчиња во идниот парламентарен состав?

Покрај масовната популарност на Левица и потенцијалот за привлекување на голем број неопределени гласачи, консолидиран е контингент на гласачи за кои Левица е прва и единствена политичка опција. Ако ги одземеме коалиционите гласови кои СДСМ ги присвојува, директната пресметка на гласачи за Левица наспроти СДСМ е речиси идентична покрај поголемото членство кај владејачката партија.

Следејќи ја оваа насока, очекуваме дека одливот на гласови ќе продолжи и до изборите може да се случат дополнителни промени и дополнителни пратеници од Левица.Впечатоците од теренската состојба се дека, на следните избори, очекуваме двоцифрен број пратеници на Левица, бројка која зависи од легитимноста на изборите и начините на субверзија кои ќе бидат ставени на располагање од страна на владејачките партии. Но, зависи и од излезноста на граѓаните. Затоа, не дозволувајте да ве фрлат во безнадеж и одмаздата сервирајте им ја ладна, на денот на изборите, со глас даден за неподмитливите од Левица.

– Јанушев, Здравковски, Пренџов, Коциќ…велешани во парламентот, комуницирате ли меѓусебно, има ли примери на „разбирачка“ меѓу вас ?

(Титов) Велес е еден од многуте заборавени градови од страна на централната власт, иако има најголем број пратеници велешани во вој парламентарен состав!? На локално ниво, пак, со градот управуваат сатрапите од ДПМНЕ и ДУИ, а резултатите се крајно поразителни.

Првичната разлика помеѓу пратениците на Левица и оние од другите партии, која во доминантна пропорција ја оневозможува суштинската и проактивна соработка е онаа во интереси кои ги застапуваме. Пратениците од двете најголеми партии се пратеници на елитата, а левичарите се народни пратеници на работничката класа, која е доминантна. Но, конкретниот однос зависи и до човекот. Во личните персонални односи, со сите горенаведени си имам едно „здраво“ по ходници или во пленарна сала, со исклучок на Коциќ кој ми е одвратен арогантен дебил и одбивам да го поздравувам.

– Младиот актер, велешанецот Стефан Николовски, одлично ве „симнува“ во своите духовити имитации, како реагирате на тоа?

Очигледен е талентот на младиот актер и имитациите се забавни и освежувачки и ја согледуваат политиката низ една поинаква перспектива. Му посакувам успех во градењето на кариерата и на наредно „виѓавање“ некаде, ќе направиме едно селфи за инат на Талат Џафери.

– Последно прашање… Дали е Левица последната шанса за спас на Македонија, онаква каква што ја посакуваме: функционална, базирана врз принципи, предвидлива, економски активна и земја во која владее правото?

Накратко: да. Не само последна, туку и единствена! Политичкиот феномен на Левица се има вкоренето длабоко во нашата политичка култура и во сиот сплет на материјални околности делува како единствена и неизбежна алтернатива на насоката во која се движиме не само ние, туку и светот воопшто.

Мислењето на професионални цицачи на државни пари е секогаш ирелевантно и спротивно на реалноста која разумниот човек го интересира. Како можат воопшто да се согледуваат работи кои потекнуваат од структури кои сета енергија и пари ги вложуваат во унапредување на начините за манипулирање со граѓаните и непрестано лажење? Се работи за првенци во омаловажувањето на гранките на власт преку субверзија на судството, за главни антагонисти во лагите за европските интеграции и за обични петоколонаши и предавници кои се прочитани и му се одмилени на народот.

Сега веќе, кога ги живееме годините на кулминација авторитарниот режим под команда на неизбраниот „премиер“кој под своја контрола ги нема трите клучни ресора (финансии + здравство + школство) и кога треба решителен и силен одговор на опозицијата, ДПМНЕ во безброј наврати ги става народните интереси во втор план и им го овозможува самоволието на СДС и деспотството на ДУИ. Како никогаш претходно, во овој мандат имавме безброј скандали вредни за промена на овој хибриден режим и за понесување на одговорност. Овој злосторнички и ненароден режим мора да падне, за Македонија да може да стане! Нелегитимните властодржци ќе мора да се соочат со последиците кои ги чекаат, бидејќи просторот за аргументирана борба на идеи и убедување е одамна надминат, кога се работи за луѓе кои ја уништуваат Државата. Бесрамните воени профитери и предатори, кои сега заедно се соединуваат во екплоатација на кризата со енергенсите, во нас ќе го добијат својот ссмртен непријател од кој нема да куртулат.

Антифашистичкиот фронт кој го отворивме како најпрогресивна сила во Македонија, и борбата која ја водиме е мошне широка и стратешка – а го инкорпорира целиот рработен народ кој живее од труд,а чија поддршка ќе биде пресудна за поставувањето на темелите на нов и братски свет.

Мораме да се потсетиме за патот кој одбравме да го одиме и за крајно опасните времиња во кои се наоѓаме. Времиња кои се закануваат со потполно расчеречување на македонскиот идентитет и држава, и угетување на македонската кауза. Силата наша произлегува од визијата и од идеалите за кои се бориме и, поради тоа, неминовно е дека, на крајот, ние сепак ќе победиме!

#ЛевицаОдПарламент

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

27.03.2023


Интервјуто изворно прочитајте го на следниов линк.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ