Кому му пречи здрава култура?

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Културата во Скопје тивко умира во заложништво на Градот

-Колумна на Тони Димитров, координатор на Левица-Сектор Култура

Поимот „култура“ има потекло од латинскиот термин cultus и значи одгледување, негување,  облагородување или култивирање на почвата, во контекст на земјоделие, а во нејзината најширока смисла културата значи и култивирано однесување; севкупност на наученото, акумулираното социјално пренесено искуство или однесување на една личност преку социјално учење. Културата се однесува и на кумулативното депонирање на знаење, искуство, верувања, вредности, ставови, значења, хиерархии, религија, поими за време, улоги, просторни односи, концепти за универзумот и материјални предмети и имот стекнати од група луѓе во тек на генерациите преку индивидуаeлн и групeн стремеж, и тн… Конечно културата е и систем на знаење што го споделува релативно голема група луѓе.

Културата како темел на општеството еманципира, култивира и го подигнува духот. Таа воспитува, артикулира, дава насока во животот и е духовна храна на младите, активистите, бунтовните, обесправените… Таа знае да биде и субверзивна, и не одговара на меинстрим политичките текови, бидејќи  културно еманципирано, образовано (едуцирано) и здраво општество е тешко да се контролира, управува и манипулира. Затоа во нашиот политички контекст пожелно е општеството да биде необразовано, некултивирано, деморализирано и во постојан страв.

***

Состојбата на културата во Македонија е очајна. Тука не мислам на тоа дали има културни настани или не. Нив секако ги има, затоа што тука се и индивидуални обиди, независни иницијативи, приватни промотери и компании, па и молови кои креираат настани, промоции, фестивали, со тоа придонесувајќи кон обликување на општата културна слика. 

Но, не е тоа поентата. Доколку фокусот го ставиме кон културните установи, кои треба да се носители на културата во општеството, воедно и нивната состојба, ќе добиеме сосема поинаква слика. Дел од нив се заглавени во долгови, дел се полу функционални или сосема нефункционални, дел се обидуваат да преживеат со мизерните буџети или туркаат на ентузијазмот на неколкуте останати вработени. Ваквата состојба на глобалната културна перспектива го оневозможува нормалниот прогрес во општеството генерално. 

Кога говориме за градските културни установи, тогаш говориме за најстарите културни центри, библиотеки и музеи. Оние кои низ историјата биле носители на културниот живот во градот и ја креирале културната слика, која била и тoa како жива. Денес сликата е сосема поинаква и дијаметрално спротивна. 

Културните центри (со чесни исклучоци), се руинирани и во очајна состојба. Опремата дотраена. Програмата е рудименирана. Целокупната работа е на туркање поради  претходно споменатите аспекти. Возрасните вработени полека се пензионираат, а нови вработувања не се одобруваат. Тој процес е мачен, бирократизиран и зарибан, па установите се борат и импровизираат со кадарот. Средства за вработување на договор на дело нема. А и да има тешко да ги натерате младите да прифатат таква несигурна позиција. 

За доделените мизерни годишни буџети од 2.000.000 денари по установа (тука се мисли на градските јавни установи), при што не беа консултирани ни нивните директори или раководители (!), веќе сум алармирал, па не би се повторувал, иако тука можеме да го лоцираме коренот на проблемот. Тоа во моментов сериозно го загрозува опстанокот на овие институции кои едвај успеваат да склопат годишна програма. За достоинствена програма тоа е и повеќе од мизерно, посебно кога културата е во очајна состојба, а градот ја доби титулата Европски град на културата. 

Оваа година градот си поигра и со средствата за режиските трошоци (повторно без консултација со директорите и според потребите на установата), кои советот ги изгласа, а се од околу 500.000 денари (!), колку што изнесува една сметка за парно во зимските месеци. Вкупниот буџет за оваа намена за СИТЕ осум културни установи во градот е 5.500.000 денари колку што изнесуваат во просек годишните режиски трошоци на само една установа. 

Поради оваа причина, деновиве повторно имаше најава за исклучување на струја во градската библиотека. Ова е четврти пат во период од две години Библиотеката да биде под закана од исклучување. Една од темелните установи за културата во градот тоне во долгови поради партиските препукувања и неспособноста на структурите. Долговите се зголемуваат, а градот заедно со советот се неми за потребите на културните установи. 

И не е само Библиотеката. Ова се пресликува и на останатите Јавни установи под градот кои се жртви на ситнопартиските интереси, а нивните сметки секојдневно се под закана од блокирање, а со тоа и блокирање на нивната понатамошна работа. 

Јавните установи под градот се јавни и непрофитни установи, па според тоа средствата за режиските трошоци, и програмскиот буџет единствено ги добива од буџетот на Градот, а планот за вработување го гласа советот. Тие се тесно врзани со градот, т.е. зависни од работата на советот, кој гласа сѐ што е во интерес за нивната функционалност. Наспроти тоа, ЈУ ја исполнуваат програмата во интерес на градот и нејзините граѓани. 

Доколку поимот култура ви делува апстрактно, па сметате дека одржувањето на една изложба, концерт на класична музика или укинување на трета смена во градската библиотека нема да промени многу во општата културна слика на градот, замислете си само да исклучат струја во Зоолошката градина (како градска ЈУ) или да отидат во пензија петорица хранители на животните во истата установа. Замислете го тоа ниво на катастрофа! 

Очигледно е непознавањето на поимот култура и каков однос треба да се гради кон неа. Тоталната незаинтересираност за истата го доведе градот во ваква состојба, а културните установи пред колапс. Загрижува и тенденцијата да се уништат основните клетки нужни за функционирање на културата – културните установи, и да се сруши глобалното ниво на културата во Скопје, иако веќе е прогласен за „Европска престолнина на културата“.  Затоа, ваквото самоволно однесување на градот и советот е буквално ставање во заложништво на културните установи и воопшто културата во градот. Резултатите се веќе видливи, а последиците ќе бидат трагични.

Доколку градот, со советот продолжат со оваа незаинтересираност околу културните установи (тука вклучувајќи го намерното негласање на извештаите за работата и плановите за вработување), набрзо ќе доживееме нивно тивко згаснување, а со тоа и руинирање на и онака кревката културна слика во градот. Конечно, можеби тоа и е поентата.

Тони Димитров
09.07.2024

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ