Пишува: проф. Димитар Апасиев – Претседател на Левица и пратеник во Собранието на РМ.
Целта на Иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Македонија (Сл. весник на РМ бр. 215/2020), со која се воведе функцијата „Прв вицепремиер“, а којашто ја поднесе Левица до Уставниот суд на РМ, е поништување на оваа непостоечка функција во нашиот уставен поредок. Причините за поднесување на претставката ќе ги образложиме во продолжение…
1.Начелото на статусна уставност не дозволува воведување нова државна функција со подзаконски акт
Нашиот Устав, со императивна и безрезервна правна норма (лат. ius cogens) – јасно, изрично и недвосмислено предвидува дека „организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон“ [чл. 89, ст. 6 од УРМ]! Таков посебен закон e Законот за Владата на Република Македонија (2000), како lex specialis – кој, пак, дозволува премиерот, т.е. претседателот на Владата на РМ, од редот на министрите да именува свои заменици коишто, под посебни услови, би го заменувале во точно определени ситуации. Но, овој специјален закон никаде не предвидува и не допушта било каква хиерархизација на вицепремиерите и нивно рангирање од типот „прв“, „втор“, „трет“ и сл. – како што тоа, на мала врата, се обидува кукавички да го потпикне овој контроверзен Деловник.
Начелото на статусна / институционална / функционална / ингеренциска уставност, во материјална смисла, значи дека уредувањето на статусот и положбата на органите на државната власт е иманентно уставна материја (materia constitutionis) – а не законска или подзаконска!? Токму со помош на овој принцип, позначајните, т.е. централните државни органи добиваат уставен статус и функции утврдени со јавното право (status iuridicus). Со овој концепт, коj е вграден и во нашето позитивно уставно право, се ограничува државната власт и таа се врамува во границите на правото, со што de iure се спречува пенетрирањето на било кој државен орган во забранетите сфери на општествениот живот. Ова, пак, е со единствена цел односите меѓу државните органи од различните гранки на власта да се третираат за уставни односи, а не за односи кои произлегуваат од нивната политичка волја или коалициски договори. На овој начин, овој важен авторитативен компаративно правен стандард се престорува во ефективна брана за спречување на државниот централизам и владиниот интервенционизам.
2.Воведувањето нов инокосен орган од страна на Владата е упад во начелото на тријалистичка поделба на власта, како темелна вредност на македонскиот уставен поредок
За да се воведе ваква новоизмислена и непотребна државна функција, т.е. инокосен (конзулски) орган во нашиот уставен поредок, потребно е тоа да се стори со измена на Уставот на РМ, за што важат сосема други правни процедури за донесување уставни амандмани – кои, пак, се во надлежност на Собранието на РМ – како носител на законодавната власт, а не на Владата – како носител на извршната власт. Функцијата заменик-премиер во Уставот воопшто не е предвидена, па оттука невозможно е за нешто што е непостоечка функција и Уставот не го утврдува, дополнително да воведувате и негова хиерархизација, т.е. рангирање по чинови, односно скалила, како и нивна непринципиелна подподелба на „прв“ (како најбитен, фаворизирачки и надреден) и „останати“ (како помалку битни и подредени заменици)!?
Argumentum a fortiori, дури ни со Законот за Влада не е допуштено да се воведуваат нови државни позиции, а камоли пак тоа да се прави со подзаконски пропис, како што е случајов со оспорениов Деловник in concreto. Ако ваквиот потег на Владата помине несанкционирано од страна на Уставниот суд на РМ, кој треба да е „чувар на Уставот“, тогаш прети опасност Владата, да се престори во законодавец и, узурпирајќи легислаторни ингеренции кои оригинерно не ѝ припаѓаат, со подзаконски акти да нормира законска, па дури и уставна материја (!?) – што е опасен нон-сенс и суштинска спротивност на демократско-републиканските начела на кои почива нашиот современ уставен поредок!
Дополнително, Владата – која, по сила на устав (ex constitutionis), е носител на извршната власт – со носење на свој интерен Деловник за работа, кој без никаков уставен основ излегува од рамките дадени и омеѓени со Уставот, како највисок и врвен правен акт во Репубиката (lex superioris), предвидувајќи нововостановена и излишна јавна функција која воопшто не е ниту уставно, ниту законски предвидена, прави класично ultra vires проширување на ингеренциите на централните државни органи кои го чинат домашниот национален државно-правен поредок и врши каприциозен и дрзок упад во надлежностите на законодавната власт, која има ексклузивна надлежност да ги носи и изменува Уставот и законите, а со тоа и да го менува или прилагодува уставно-правното уредување во земјата.
3.Нашиот Устав предвидува јавноправен концепт на конституционално „ограничена Влада“ stricto sensu
Во самиот Устав, екплицитно и буквално стои дека Владата, како една од ефективните глави на бицефалната егзекутивна власт, „своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите“[чл. 88, ст. 2 од УРМ]! Оттука, гледаме дека воопшто нема збор, а ниту простор за никаква можна интервенција преку подзаконски правен акт, со кој малициозно би се дерогирал или изместувал постојниот јавно-правен поредок (ius publicum), утврден со домашната легислатива. Можело да биде поинаку уредено, но не е. Впрочем, правно невозможно е со деловнички акт да се промени императивниот карактер на уставните одредби за состав на Владата, бидејќи воведувањето на небулозната нова функција „прв заменик на претседателот на Владата“ е устоличување на нова висока државна, т.е. јавна, а не приватна функција! Ова во никој случај не може да се третира како внатрешно организациско или техничко прашање на премиерскиот Кабинет.
Како извршен, колегијален и активен орган на власта, Владата дејствува во рамки на Уставот и законите, а никако надвор од нив! Дури, Уставот изрично инсистира Владата на РМ да ги врши своите права и должности врз основа и во рамките на уставните одредби и законите. Очигледно, нашиот уставотворец предвидел уставна, политичка и конституционално ограничена влада (англ. limited government) – каде што, во никој случај, не може да стане збор за омнипотентна и неограничена влада која доминира во секоја сфера на општественото живеење, па дури и се наметнува врз легислативната власт со тоа што перфидно ѝ ги киднапира надлежностите за можно воведување нова висока државна позиција, само со изгласување на деловник, како подзаконски акт кој мора да е во согласност со устав и со закон [прекршување на начелото на материјална уставност и законитост].
4.Уставниот суд веќе има донесено неколку касаторни одлуки за слично правно прашање (quaestio iuris)
а) Факт е дека Уставот на РМ не содржи одредби и екплицитно не се произнесува за можноста од постоење или непостоење на Деловник за работа на Владата на РМ – како општ подзаконски правен акт со кој подетално се доуредуваат и допрецизираат прашања од организационо-процедурален карактер, во функција на подобро и поорганизирано вршење на внатрешните владини работи. De facto, Уставот има правна празнина и не содржи ниту директен основ, но ниту директна забрана за носење на ваков пропис! Ова мислење на Уставниот суд е веќе еднаш нотирано и во Решението У. бр. 131/2000-0-1(28.12.2000), со кое поведе постапка на парцијално оценување на уставноста на дел од актуелниот Закон за Владата на РМ и врз чија основа подоцна се донесе конечната Одлука бр. 131/2000 (21.03.2001). Во експликацијата на овој свој начелен став (opinio iuris), во наведеново Решение, дословно се вели дека: „Овластувањето на Владата да донесе Деловник за својата работа не е во несогласност со Уставот, а доколку со неговите одредби се утврдуваат нови надлежности за Владата или се утврдува организација и начин на работа спротивен на Уставот и на закон, тие би подлежеле на посебна оценка на нивната уставност и законитост“ [т. 6, параграф (в)]!
Токму ваква „посебна оценка“ се бара со оваа наша Иницијатива, оти оправдано и аргументирано пред Судот го проблематизираме прашањето дека со наведениве одредби од оспорениов Деловник – со кој неоправдано се воведува хиерархизација на замениците премиери на еден поважен и други помалку важни (!?) – всушност, не станува збор за проста операционализација на уставните и законски норми, туку за нивно недозволиво прееластично екстензивирање до непрепознатливост и излегување надвор од уставните рамки на уставно дадената и законски пропишаната положба. Значи, невозможно е супастанцијалното прашање за внатрешна [ре]организација самоволно да го третирате со интервенирање и менување на деловникот, а не и со паралелно и симултано менување на законот! На овој начин, директно се создава правна пукнатина и се нарушува конзистентноста на уставниот концепт на статусна уставност vis-à-vis принципите на поделба на власта и владеење на правото (Rule of law).
б) Дополнително, со влијателната Одлука на Уставниот суд на РМ У. бр. 87/2017-1 (21.02.2018), Судот – на иницијатива на Левица – веќе востанови важен правен преседан (case law), велејќи дека: „Од одредбите на Уставот и Законот за Владата на РМ, произлегува дека Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри/членови и дека не постои функција потпретседател на Влада“ [т. 5, § 15, стр. 2]!
***
Оттука, поради сè што е наведено претходно, сметаме дека овие антиконституционални членови од овој илегален Деловник за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата, кои се вметнатни како очигледен непринципиелен дил помеѓу владејачките СДС и ДУИ, се инкомпатибилни со нашиот демократски уставен поредок, при што истите треба што побрзо да бидат касирани и веќе да не постојат во нашиот правен систем, како еклатантно противуставни и незаконити.
Извор: antropol.mk