Штрковска-Колариќ: Власта ги прикажува поразите како успеси

јулијана ш.

Откако владата донесе одлуки за привремено замрзнување на цените на лебот, макароните, сирењето, јајцата и оризот, често ги гледаме Ковачевски и Бектеши во потрага по евтини продукти, како парадираат во продавниците во улога на најскапо платени инспектори или актери за владина пропаганда. Покрај пазарењето, не забораваат да ѝ кажат на јавноста дека инфлацијата е зауздана, цените кои биле покачени поради војната во Украина – паѓаат, а истовремено растат платите и пензиите.

Вистината целосно се разликува од нивните хвалоспеви. Официјалните податоци од државните институции говорат нешто сосема друго. Како прво, цените почнаа да се зголемуваат уште во јануари минатата година пред војната и покачувањето на минималната плата, која беше исплатена во април и тоа за 7,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година, за потоа да следи галопирачки двоцифрен раст на инфлацијата, која сè уште не запира и во февруари изнесува 16,7%. Стапката на раст на платите и пензиите е пониска од стапката на инфлација, што значи дека куповната моќ на граѓаните постојанао опаѓа.

           Не треба човек да биде економист за да сфати дека тонеме во секој поглед. Економскиот раст е намален и стапката на раст на БДП во четвртото тримесечје од 2022 година падна на 0,6 %, што е многу пониско од проектираниот на  2,9% во 2023 година. Јавниот долг и понатаму расте со забрзано темпо и на крајот на 2022 година изнесува 7,703 милијарди евра. Но, власта и понатаму нè задолжува за да ги сервисира тековните обврски и оваа година новите задолжувања достигнаа речиси една милијарда евра. Со нејзиното расипничко владеење, идните генерации ќе ги задолжува само за отплата на каматите, пеналите и провизиите за неповлечени средства или раскинување на договори.

           Место да троши народни пари за маркетиншко манипулирање со јавноста, владата треба да воведе мерки кои навистина ќе ја стабилизраат економијата на долг рок. Овие привремени мерки, како и претходните, дополнително ќе создадат ценовни шокови кога нема да бидат на сила, затоа што трговците ќе се потрудат добро да ги наплатат претрпените „загуби“. На располагње има цел сет на мерки како прогресивното оданочување, сузбивање на сивата економија, ефикасно и економично трошење на народните пари со изградба на инфраструктурни проекти во предвидените рокови и рационално и домаќинско трошење на буџетот кој им е доверен од страна на народот.

Пишува: Јулијана Штрковска – Колариќ, координатор на Сектор финансии

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ