АХИЛОВАТА ПЕТА НА НОВИОТ РЕЖИМ

IMG_7538

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

На 30 септември 2018 година, јасно се изрази народната волја на мнозинството граѓани да апстинираат од гласањето на референдумот. Дури 64% не прифатија да дадат право да се одлучува за ЕУ и НАТО со прифаќање на т.н. Преспански договор меѓу Грција и„Втората страна“!

Референдумот, во секоја цивилизирана држава, како облик на директна демократија се наоѓа на повисоко и поважно место од индиректната/посредна демократија (пратениците во Собранието, Претседателот на Републиката, градоначалниците, советите на општините итн). Затоа, недозволиво и противуставно е Собранието на РМ, преку политичка корупција и поткуп на опозициски пратеници, да се изјаснува по своја волја за промена на Уставот, во ситуација кога нема нова референдумска одлука и кога во целосна и задолжителна правна сила останува плебисцитарно донесената одлука на Референдумот за независност (1991), чија што излезност не беше 36%, туку 76%!

Ова непосредно изјаснување за манипулативното прашање (Република Северна Македонија) беше во услови на агресивна, скапа и пристрастна кампања на власта и Западните дипломати. Владината кампања „ЗА“ беше еднострана, агитациона, невидена и во најлошите времиња на „едноумието“! Во медиумите се шпекулира дека се потрошени милиони и милиони евра домашни и странски пари за креирање на јавното мислење. Во спротивниот табор („Против“) немаше никаква кампања, а движењето #Бојкотирам беше разнолико и без пристап до корпоративните медиуми, кои ги прекршија своите професионални стандарди за непристрастно известување и станаа навивачи на Новиот режим. Левица за својата АНТИНАТО кампања потроши свои скромни 1.500 евра, собрани од членарина и донации.

Паничната реакција на премиерот и неговиот коалиционен партнер, кои се обидуваат преку „креативно толкување на Уставот“ да не го признаат дебаклот и правно-политичкиот пораз на референдумот, за жал иницираше политичка криза која може да заврши многу трагично и катастрофално по Републиката, доколку не се превенира на време! Стравуваме дека американскиот притисок по секоја цена да се протурка „Договорот“ и да се игнорира неуспешниот референдум ќе ја трасира изградбата на едно авторитарно и репресивно општество, исполнето со се поголем и поорганизиран масовен Отпор против таквата вазалска тиранија.

Во тоа општество, во кое законите не ги обврзуваат властодршците, власта ќе може да прави што сака: да гради гасоводи низ заштитена еколошка зона, да отвора рудници на смртта во земјоделски региони, да поништува легални и легитимни референдуми, да амнестира криминалци, да цензурира уметници, да соработува со градежната мафија за свое лично богатење, да дава ветувања на избори кои секогаш ги прекршува, да го дели народот по јазична, етничка, верска и друга основа, да вработува по партиска линија и да поткупува послушници со клиентелизмот. Ова ќе придонесе во Македонија и понатаму да се кршат човековите и социјални права и да се инасталира еден нов репресивен режим.

Битно да се напомене е тоа што нашите сограѓани Албанци, како и припадниците на другите етнички заедници, со јасно изразената солидарност со Македонците, докажаа дека се залагаат за живот во Република Македонија и не подлегнаа на притисокот на сите свои националистички партии. Тие докажаа дека се фактор на стабилност и демократија, но со тоа ги задолжија граѓаните Македонци наместо македонски национал-романтизам, да се залагаат за иднина со прогресивна економија за сите, за расчистување на криминалот и рушветот, за достапно здравство и бесплатно образование.

Време е ЕУ, наместо да оди по диктатот на САД и НАТО, конечно да застане зад своите европски вредности и да престане да инсталира нов Орбан во Македонија во ликот и делото на Заев! Дури и тие што гласаа „за“ на референдумот, а што не се дел од врхушката на естаблишментските партии на власт, се огорчени од фактот дека нивниот глас се користи против гласот на мнозинството.

Затоа сериозно апелираме до разумните пратеници од сите политички бои да го почитуваат 2/3 мнозинство од народот кој не излезе на лажниот референдум и тие да апстинираат од гласањето за Договорот! Во спротивност ќе ја сносат вината за нестабилноста и за кризните денови кои ќе дојдат, како и за несогледливите последици по нашето општество од можната радикализација на народниот револт низ улиците – преточен во нова есенска Црвена револуција. Тие ќе ја сносат и вината за економското уназадување кое ќе оди заедно со политичкото! А притоа, нивното гласање ќе биде правно ништовно и ќе остане само нивниот неморал и јавен срам.

Ги повикуваме и граѓаните од сите неселени места низ Републиката да извршат притисок врз своите избраници во Собранието на РМ, овие да ја почитуваат волјата на мнозинството кое не потклекна на притисоците, уцените и пропагандаите и достоинствено одби да биде насилно преименувано!

 

 

Президиум на Левица

7.X.2018

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ