Левица – Чаир го обележи денот на погубување на Цветан Димов

Цветан Димов

Вчера на 9-ти јули, на 79 години од загинувањето на народниот херој Цветан Димов, членови на Локалниот Огранок Левица – Чаир, ја исчистија бистата во градскиот парк која беше во вандализирана состојба.

Покрај акцијата за чистење, членовите положија еден црвен цвет кој симболизира дека и покрај жртвите на Народноослободителната борба, нивните идеи понатаму живеат се дур под ова небо цутат нови цветови. Цветан Димов го даде својот млад живот, за црвено Скопје и црвена Македонија.

„Со твојте солзи, покриј ме мене
За убав цвет да изникне.
И цвет ќе никне, вода ќе бликне
За сите жедни, за слобода.”

Во продолжение е целосниот текст на ЛО – Чаир по повод овој голем ден.

По повод 79 години од кукавичкото убиство на народниот херој Цветан Димов

Вековна е свеста на напредниот работник за неговата положба во овој нечовечки и уништувачки политички систем – одамна тој сфатил кој е вистинскиот непријател, како и што е тоа во кое се обидува да го убеди за да го зароби да гние во вечна темнина. На комунистите на овие простори тоа им било јасно уште пред стотина години, кога условите во многу подрачја од живеењето биле дури и полоши од овие денешниве. Меѓу нив никогаш не ни станало збор за тоа да траумата на поделбите, братоубиствените војни помеѓу пролетерите, како и наводните идентитетски разлики, бидат пречка кон поведување заедничка бескомпромисна борба против капитализмот и неговата стисната тупаница – фашистичката окупација.

За жал колку што е длабока свеста, толку е моќна и подмолната сила на заборавот, негувана од силите кои среде историскиот виор наметнуваат целосно предавство на личните и општествени смисли и вредности – обичајот за слугување на подјармувачот бил еднакво распространет тогаш, како што е и денеска. Тие не се ограничуваат само на целосно препуштање на националните ресурси и човечки животи на мислост и немилост на тиранинот, туку ја ставаат на располагање сета своја кадарност во дејствијата кои имаат за цел задушување и искоренување на секој облик на отпор против колонизацијата и поробувањето. Тие администратори се на истата положба и денеска, а за нив ропството е природно – лошо би било единствено под услов тие да се поробените при што не би увиделе потреба за промена на севкупните односи, туку би барале можност за свое унапредување во улогата на поробувач – исто како што е природно и фрлањето од прозорец на секој кој би се дрзнал да ја доведе во прашање легитимноста на овие слуги на сите режими и системи низ историјата.

Време е борбената свест меѓу народот да ја надвладее состојбата на шок во која нашата татковина западна во последните неколку децении – грабежот на националните ресурси, воената окупација, етничките поделби и сè поизвесното губење на суверентитет. Животот на народниот херој Цветан Димов е паметник дека сме ни први ниту пак последни што треба да го вложат сето што го имаат во полза на народното и класно ослободување, притоа не сметајќи на сопствената удобност и полза, туку напротив, вложувајќи ги дури и сопствените судбини. Затоа, да ја искористиме оваа пригода за да осигураме дека ќе бидеме последната генерација која не ја одбележала жртвата на овој револуционерен деец и да дадеме сè од себе семката на неговите идеи да фати корења кои ниту еден предавнички багер нема да може да ги ископа.

СМРТ НА ФАШИЗМОТ – СЛОБОДА НА НАРОДОТ

 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ЧАИР
10 јули, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ