Додека ДПМНЕ и СДСМ шират невистини и кажуваат дека Левица била во скриен сојуз со едните или другите и додека двете политички партии се декларираат како партии што се залагаат за поголема транспарентност, тие во Општина Илинден покажаа дека се во многу добра коалиција и се против увид на јавноста во работата на советот со тоа што гласаа против предлогот на Левица за онлајн пренос на седниците на Советот.
Како причина за тоа советниците од редовите на ДПМНЕ навеле дека наводно не се знаеле финансиските импликации од таквиот предлог, па дури и тврделе дека со реализацијата на таквиот предлог ќе се повредил Законот за заштита на личните податоци.
Многу е јасно дека реализацијата на предлогот за онлајн пренос на работата на советот нема да има финансиски импликации бидејќи за спроведување на предлогот доволно е да се има лаптоп, добра интернет конекција и лице кое би ги закажувал и отпочнувал преносите преку youtube, а и јасно е дека со преносот нема да се изврши никаква повреда на правата на советниците што им следуваат во согласност со Законот за заштита на личните податоци бидејќи на седниците на советот се расправа за работи од општ народен интерес, а не за работи од личен карактер на советниците.
Левица Илинден смета дека ниту ДПМНЕ ниту СДСМ не се заинтересирани за онлајн пренос на работата на советот бидејќи со тоа јавноста би се запознала директно со нивните интелектуални и професионални капацитети, за кои наголемо се шпекулира дека не се на задоволително ниво од причина што и двете политички партии за кандидати за советници предлагаат лица кои во најголем дел се без универзитетско образование и без добра стручна позадина, а како резултат на тоа и самата работа на советот не е на задоволително ниво.
Како партија што се залага за вистинска транспарентност и демократско работење на Советот на Општината, секогаш сме спремни да подржиме работа на Општината со директна вклученост на јавноста.
Со тоа што Левица Илинден предложи таков предлог на последната седница од минатата недела, а ДПМНЕ и СДСМ го одбија, маските паднаа и граѓаните знаат и препознаваат кој реално се залага за вистинска транспарентност на локалните институции.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ИЛИНДЕН
25 март, 2022