Левица поднесе Иницијатива за вршење на вонреден инспекциски надзор до Агенција за млади и спорт, а против ФК Шкупи и ФФМ.
Од страна на навивачката група на ФК Шкупи, на фудбалскиот натпревар против ФК Академија Пандев, кој се одржа на ден 17.05.2022 година, беа истакнати знамиња на соседна Р. Албанија, а не беше истакнато знамето на Р. Македонија, кое е задолжително да се истакне.
Со ваквите постапки се прекршуваат член 7, член 15, 16 и 17 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Член 7 предвидува:
„При официјални државни посети и меѓународни манифестации од политички, научен, културно-уметнички, спортски и друг карактер, заедно со грбот, знамето и химната на Република Македонија истовремено се истакнуваат, односно изведуваат и грбот, знамето и химната на друга држава и меѓународна организација, во согласност со одредбите на овој Закон.
Согласно член 30 од истиот закон: „Со парична казна од 50.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок правното лице ако не ги употребува грбот и знамето на Република Македонија согласно одредбите од чл. 7 на овој закон.“
Согласно актите на ФФМ, присуството на државниот симбол е задолжителен на сите средби под ингеренции на ФФМ. Со конкретните дејствија, ФФМ го прекршиле член 7 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија.
Од тие причини, преку оваа Иницијатива до Агенцијата за млади и спорт, Левица бара веднаш да се спроведе вонреден инспекциски надзор и да бидат преземени сите законски дејствија, а по утврдената фактичка состојба, да се донесат соодветни управни акти со што би се санкционирале и спречиле понатамошни непочитувања и постапувања спротивни на Уставот, законите и подзаконските акти.
28.05.2022г.