СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ
Прес конференција на пратеникот Борислав Крмов по повод Предлог-законот на Левица за намалување на платите на уставните судии.
Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на Собранието на Република Македонија, поднесоа Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица на РМ.
Целта на овој Предлог-закон е, да се анулира додатокот за плати, кој уставните судии си го изгласаа со промена на Деловникот во октомври 2020 година, а со кој ќе може да примаат додатоци до 35% од основната плата – кои ќе изнесуваат дури до 500 евра! Имено, овој специјален додаток се однесува на: посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост!?
Сметаме дека, во случајов, нема никаков правен основ за овие додатоци – бидејќи уставните судии работат апстрактни спорови (т.е. судир на акти), а не конкретни спорови меѓу странки. Напротив, тие го кршат Уставот по неколку члена и тоа: чл. 113, каде со акт на судот им е дозволено да се уредува само „начинот на работа и постапката“, а не и платата; чл. 109, каде е нагласено дека се избирани од Собранието и со тоа за нив важи Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица на РМ, а материјата за плата не може да се уредува со менување на Деловник.
Исто така, потенцираме дека, постојат индиции за вршење на кривично дело по чл. 353 од КЗ, односно „злоупотреба на службена должност и овластување“, за што нашиот правен тим ја разгледува можноста за поднесување на кривична пријава.
Ние предлагаме интервенција во членовите 14 и 15 од постојниот Закон, каде коефициентот за плата на претседател на Уставниот суд би се спуштил од 4.00 на 3.60, а коефициентот за уредување на платата на судија на Уставен суд, би се спуштил од 3.70 на 2.50 – односно, намалување на платите за 1/3, исто толку колку што тие самите бесправно си ги зголемија.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
11 мај, 2021