Левица – Струга: Поради непостапување на локалните инспектори поднесено е барање до инспекциски совет

Левица Струга

Поминаа три месеци откако беше поднесена иницијатива за вонреден инспекциски надзор до овластените инспекторати во општина Струга, поради сомнителни градежни активности во селото Радожда, како и депонирање огромни количини земја на самото крајбрежје на Охридското езеро.

Од инспекторатот за животна средина и градежната инспекција сѐ уште нема никаков одговор, со што се пробиени сите законски рокови. Поради тоа, Левица поднесе Барање за вршење единечен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, како клучна институција во системот на инспекциски надзор.

Од поднесувањето на нашата Иницијативата се поминати повеќе од 2 месеци, а согласно Законот за инспекциски надзор, во рок од 10 работни дена, инспекторатот е должен да го изврши инспекцискиот надзор, а во рок од 15 дена од извршениот надзор е должен да извести за резултатите од истиот (значи преклузивните рокови се веќе пробиени).

Поради горенаведеното, а согласно член 73 од Законот за инспекциски надзор, од Инспекцискиот совет бараме:

– Претседателот на Советот, во рок од три работни денови од приемот , да издаде налог за вршење на единичен вонреден инспекциски надзор над работата на определен субјект на инспекцискиот надзор, до директорот односно раководителот на Инспекторатот за животна средина при општина Струга;

– Директорот, односно раководителот на инспекторатот за животна средина при општина Струга, во рок од три работни дена од добивањето на налогот да го организира и спроведе вонредниот инспекциски надзор;

– Најдоцна во рок од пет работни дена по завршувањето на инспекцискиот надзор, директорот, односно раководителот на инспекторатот за животна средина при општина Струга, е должен до Инспекцискиот совет да достави извештај за спроведениот инспекциски надзор;

-До нас да биде доставена копија од Записник за извршен вонреден инспекциски надзор, како доказ за резултатите од спроведувањето на истиот.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СТРУГА
11 јули, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ