Левица – Центар: Советот во Општина Центар е блокиран без избор на Претседател на Совет

opshtina_centar

Почитувани жители на Општина Центар,

Левица за прв пат е претставена во Советот на општината и тоа со тројца советници. Како одговорна партија, уште од првиот ден во Советот, нашите советници, врз основа на принципите и идеологијата на партијата, одговорно и чесно се вложија во справувањето со наталожените проблеми во општината, како и конструктивно влегоа во соработка со сите советнички групи, бидејќи никој нема доволно мнозинство во Советот за носење на одлуки, што само по себе претставува блокада на советот, а со тоа и на општината.

Во моментот Советот е под блокада и тоа од сите советнички групи, освен од советничката група на Левица, која беше спремна да соработува со сите врз принципиелна основа.

Мора да напоменеме дека Советот на Општина Центар нема избрано Претседател на Совет, независно од конструктивноста на Левица и по ова прашање.

Ако се знае дека, според Законот за локална самоуправа, само Претседател на Совет има ингеренции да потпишува донесени акти и одлуки на советот (член 48, став 3), додека претседавачот на Совет само ги свикува седниците и раководи со нив (член 47, став 5), тогаш очигледно е дека работата на Советот е блокирана поради неодговорноста на останатите советнички групи.

Да потсетиме дека, на седницата за избор на Претседател на Совет, советничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Шанса за Центар се откажаа од кандидатури за претседател и тоа од само за нив познати причини.

Левица како одговорна партија, во правец за деблокада на работата на Советот, а со тоа и на општината, понуди свој кандидат и дополнително предложи кандидат од редовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, односно актуелниот претседавач на Советот, сѐ со цел советниците да имаат избор при гласањето.

Предложениот кандидат од редовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја одби кандидатурата и истата советничката група, од 8 советника, ја напушти седницата при чинот на гласање.

За нас, овој потег на советниците на ВМРО-ДПМНЕ е нејасен и неразбирлив. Од друга страна, советниците одбија да гласаат за кандидатот за Претседател на Совет, предложен од Левица.

Исто така, нејасно е зошто советничката група на СДСМ не даде свој кандидат за Претседател на Совет. Што е уште позбунувачки, е самиот факт што избраниот градоначалник е од редовите на СДСМ и му е неопходно да има функционален Совет.

Ние од Левица, како одговорни советници кои работат во интересите на сите граѓани, независно на која политичка опција припаѓаат, апелираме до останатите советнички групи да направат напори и да ја деблокираат работата на Советот, бидејќи во спротивно ни следат вонредни избори за советници, што значи дополнителни трошоци од буџетот, а се поради неодговорното однесување на избраните советници од редовите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Шанса за Центар.

Поттикнати од овие неодговори случувања во Советот на Општина Центар, уште еднаш сакаме да потенцираме дека Левица, принципиелно и одговорно, покажа конструктивост во интерес на центарци и работата на општината, но поради задкулисните игри на останатите советнички групи Левица повеќе нема да предлага свој кандидат за Претседател на Совет и нема да учествува во гласањето за Претседател на Совет, независно од која советничка група е истиот.

Сега на ред се неодговорните советнички групи да ја одблокираат работата на Советот, а со тоа и работата на општината.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ЦЕНТАР
28 декември, 2021


Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ